Охрид, 31. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – OhridPress го започна проектот „Охрид во 10“, во рамките на кој Ви нуди дневна фотографија од Охрид снимена од една точка, која го прикажува во неговата комплетна раскош и убавина.
– Идејата е да го видиме Охрид од една точка на сонце, снег, дожд, по убаво и по лошо време, како потврда за неговата безвременска убавина. Одбравме една точка која е исклучително препознатлива и го прикажува токму онаков каков што е – древен и прекрасен, но во исто време град во кој живеат луѓе кои се нераскинлив дел од светот и модерниот начин на живот. Исто така ќе се регистрираат и најважните настани кои го одбележале секој ден и ќе биде како еден календар на живеењето на градот во 2017-та година. Сакаме на крајот сетоа тоа да го издадеме и во групна – принтана форма, но за тоа на крајот на следната година, велат од Супер радио, кои се носители на проектот.
Охрид во 10 на 31.01.2017 година
Проектот „Охрид во 10“, покрај на Facebook, веќе доби и сопствена веб страна, а фотографиите секој ден ќе бидат објавувани и на информативниот портал OhridPress. (Крај)
инфо: 31.01.2017 година
– Најавено доаѓањето на меѓународна делегација од УНЕСКО за мониторирање на целата состојба околу проектите и нивното влијание врз Охрид.
– Три генерации од уметничкото семејство Наумовски излагаат во Абу Даби
– Сѐ побурни се реакциите за екстремно ниското ниво на Охридското Езеро, ЕЛЕМ почна да ја применува мерката за проток на вода на биолошки минимум за испуст на вода од 3,5 до 4 метри кубни во секунда.
– Членови на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ учествуваа на антифашистички марш во Сараево и го посетија Титовиот „забранет град“.
– Училиштето „Григор Прличев“ ја најави програмата за патронатот, каде меѓу другото ќе потпише договор со Гете институтот.
– Македонскиот прволигаш „Македонија Ѓорче Петров“ на подготовки во Спортскиот центар „Билјанини извори“ во Охрид за пролетниот дел од сезоната.
– УХМР: Нивото на Охридското Езеро е -11, а не -17 сантиметри
– АВ Охрид го раскина договорот со Русинот Дмитри Некрасов