мај 4, 2024

Охрид, 4. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Угледниот National Geographic за првпат пишувал за Охрид и објавил ретка фотографија од тој период, уште во далечната 1939 година.

Тогаш е објавена фотографија направена од унгарскиот фотограф Рудолф Балог (Rudof Balogh) (1879-1944), објавено е на Facebook страната Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950.

– На фотографијата се гледа рибарска мрежа која се суши покрај плажата после Свети Наум на албанската страна од Охридското Езеро. Под неа стои една кратка и интересна приказна за српскиот принц Стефан Немања (1113-1199) кој во тоа време живеел во Крагуевац и кој изјавил: „Имам сѐ што посакувам на светот, освен риба од езерото на албанската граница“. И како на Принцот му носеле пастрмки, јагули и крапови од Охрид, оддалечен на 200 километри од него, стои во објавата.

Рудолф Балог се родил и починал во Будимпешта. Унгарците го сметаат за „татко“ на нивниот препознатлив „Унгарски стил на фотографија “ кој се појавил во првите децении на 20-тиот век. Овој стил се одликувал со фаќање на еден миг, еден момент од нечиј живот или настан или место – и во тој момент е фатена некаква позитивна енергија од местото или ликовите на фотографијата. Во Унгарскиот стил на фотографија секогаш има визуелен екилибриум и хармонија. Како фотожурналист на унгарското списание Pesti Napló, некаде околу 1930 година Рудолф Балог патува низ Србија и Македонија каде што ја изработува фотографијата со мрежата. Подоцна во 1939-та година, National Geographic му ја откупува фотографијата и за првпат пишува за Охрид.

Mалку е веројатно да успеам да пронајдам оригинален примерок од фотографијата со охридската рибарска мрежа. Фотографиите на Рудолф Балог се појавуваат еднаш во 5 години и достигнуваат цена од неколку илјади евра.

– Но барем успеав да пронајдам оригинална страница од National Geographic од 1939 година со репродукција на фотографијата и написот за Охрид. Ја продаваше некој на Ebay од Америка. Едвај чекам да добијам и да ја вратам „дома“ во Охрид, пишуваат од Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950.

Во 2016 година, познатото американско списание за фотографија и патување National Geographic го стави Охрид на насловната страница.

– Сто места на планетава кои ќе Ви го сменат животот! – гласеше насловот. (Крај)

извор/фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука