јануари 21, 2017

Охрид/Скопје/Лондон, 21. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве Охрид и Македонија се претставуваат на Конференцијата за Активен туризам и бизнис во Лондон.

Претставувањето на Македонија е во организација на Агенцијата за Промоција и поддршка на туризам на Република Македонија. На конференцијата се презентираат искуствата од регионалната Конференција која во мај минатата година се одржа во Охрид, каде 300 делегати имаа можност да се запознаат со убавините на Македонија.

На конференцијата се присутни околу 200 учесници: излагачи, туроператори и медиуми кои ги дискутираат предизвиците и трендовите на оваа брзо растечка гранка на туризам.

Промоцијата на Европската пешачка патека побуди голем интерес кај голем дел од присутните. Секако, винскиот пат и ено културата е неизбежен дел на понудата и овојпат, a дополнителна посета најави еден од најпознатите туроператори за организирање патувања на туристи 50+ во Македонија. Посета ќе биде организирана и за специјализираната компанија за див живот, која ќе ја понуди Македонија како нова дестинација за набљудување птици.

– Особено значајно е што на средбите дојдоа туроператори кои изразија интерес во Македонија да носат туристи директно, во непосреден контакт со македонски ДМЦ агенти,а не со посредство на агенции од соседството како што беше случај до сега. Фактот дека Лондон и Скопје се директно поврзани градови со летовите на Визз Аир е од особено значење за овој вид на туризам, изјави Лела Крстевска, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам.

Стана збор и за обуки за македонски агенции и стопанственици од браншата, со помош на експертизата на Британски туроператор со искуство од повеќе од 30 години, програма која ќе се одвива во 3 годишен период. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука