јуни 3, 2024

Охрид, 3. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Леонид Тодороски е меѓу 11-те талентирани средношколци кои ќе ја претстават Република Македонија на Меѓународната олимпијада по математика што ќе се одржи во јули во Англија.

Покрај Леонид, во тимот на младите математичари се и Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски, Бранко Јангеловски и најмладиот меѓу нив, Ивано Божиновски. Тие ја сочинуваат екипата за Меѓународната олимпијата по математика (ИМО2024) која ќе се одржи на Универзитетот во Бат, Англија од 11-ти до 22-ри јули.

Во екипата како трет се пласираше и матурантот Јан Стојановски кој одлучи да се откаже од учество на ИМО за да се фокусира на Меѓународната олимпијада по физика која се поклопува со ИМО. Стојановски лани направи своевиден подвиг кога ја претставуваше Македонија на двете олимпијади кои случајно се погодија еднаподруга во Јапонија, јави порталот umno.mk.

Македонскиот тим на 54. Меѓународна олимпијада по физика што ќе се одржи од 21-ви до 29-ти јули во Исфахан, Иран го сочинуваат: Јан Стојановски, Андреј Стојанов, Емилија Николовска, Матеа Митревска и Дамјан Стојанов.

И двата тима се формирани на селекционите натпревари што ги организираа Сојузот на математичарите на Македонија, односно Друштвото на физичарите на Македонија. Двете здруженија заедно со институтите по математика и физика при Природноматематичкиот факултет во Скопје ги организираат подготовките и учеството на тимовите на натпреварите.

Македонските тимови на олимпијади веќе неколку години постигнуваат огромни успеси на најпрестижните светски натпревари и редовно се враќаат со медали. (Крај)

извор: umno.mk фото: umno.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука