јуни 15, 2017

Охрид, 15. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска го слават празникот посветен на Свети Еразмо Охридски.

Свети Еразмо според преданијата е родум од Антиохија, а живее во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Во Лихнидос или Охрид, доаѓа за да го проповеда Евангелието и да го прошири христијанството. Ова не наоѓа на одобрување кај царот Максимијан кој наредил сите покрстени христијани да бидат заклани. Свети Еразмо бил измачуван, а потоа фрлен во затвор. Според легендата ангелот божји му се јавил на Свети Еразмо и го избавил од затворот. По ова тој се враќа во градот Хермелија каде се повлекува во една пештера се до неговата смрт.

Пештерната црква на излезот од Охрид, посветена на Свети Еразмо вчера и денес е вистинско збиралиште на христијаните. Верници од сите страни дојдени да се поклонат и да запалат свеќа на големиот свештеномаченик. Свети Еразмо Охридски меѓу народот е познат како заштитник на патниците и возачите, но и како чинител на многу чуда. Се смета дека античкиот Лихнидос или денешен Охрид, бил градот каде што Еразмо еден подолг период ја извршувал својата мисионерска дејност.

Па, затоа овој празник има големо значење за охриѓани. Од многуте преданија и верувања, кај народот особено внимание привлекува големата чешма што се наоѓа веднаш под патот, а во близина на црквата. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: facebook

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука