март 27, 2017

Охрид/Скопје, 27. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пациентите од Охрид кои се моментално на инсулинска терапија, немаат никакви проблеми со набавката, за разлика од порано, вели Димитри Панџакоски, претседател на Здружението на дијабетичари од Охрид.

Моментално во Охрид има бројка од 8 000 дијабетичари, од кои 1 900 се на инсулинска терапија, а останатите на таблетарна терапија.

– Нема проблем со набавката на инсулин, пациентите редовно ја примаат терапијата. Порано, на пример и во Охрид имаше проблеми со набавката, потврдува Панџакоски.

Панџакоски како претставник на Здружението на дијабетичари од Охрид денес во Скопје присуствува на Конференција на Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија. Во Скопје се одржува презентација на новите програмски активности за тековната 2017 година и приоритетите на кои активно ќе се работи во наредниот период. Предвидена е и дебата со присутните.

Панџакоски дополнува дека како здружение бараат стандардот кој е постигнат со лечењето на пациентите да не се намалува.

– Бараме да се задржи на ниво стандардот, кој досега е постигнат за лечење на пациентите заболени од дијабетес, да не се намалува. Ако не се зголемува квалитетот на инсулинската терапија, како на пример во западно европските земји, барем да не се намалува, кажува Панџакоски.

Во април охридското здружение на дијабетичари ќе одржи предавање за превенција и рано откривање на шеќерот во крвта. Како што додаваат од здружението, ќе се ангажираат вработени во Центарот за дијабет во Охрид за предавања на теми, кои ќе ги одберат членовите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука