Лондон, 8. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Легендарниот британски бенд „Пинк Флојд“ ја објави првата нова песна по речиси три децении во знак на поддршка за Украина.
Песната „Hey, Hey, Rise Up“ содржи семпл од Андриј Хливњук, пејачот на украинската група „Бумбокс“, што е прва оригинална музика од „Пинк Флојд“ од албумот „The Division Bell“ од 1994 година.
Целата заработка од песната ќе биде донирана за хуманитарна помош за Украина.
Покрај оригиналните членови Дејвид Гилмор (гитара/вокал) и Ник Мејсон (тапани), дел од поставата се и басистот Гај Прат и клавијатуристот Нитин Соуни, кои ја снимиле песната на 30-ти март.
По смртта на клавијатуристот Ричард Рајт во 2008, Гилмор беше дециден дека „Пинк Флојд“ веќе нема да прави нова музика, но вели дека инвазијата на Украина го премислила.
– Моите внуци имаат и украинско потекло, бидејќи мојата снаа Јанина е Украинка, чија баба беше во Харков до пред три недели. Му се јавив на Ник и му реков дека сакам да направам нешто за Украина под името ‘Пинк Флојд‘. Многу е важно луѓето да разберат што се случува таму, изјави Гилмор. (Крај)
извор: СДК фото: архива