октомври 24, 2014

Охрид, 24. октомври 2014 (ОхридПрес) – Охрид требаше да се развива туристички, но наместо тоа се градеше индустријата, вели во интервју за Супер радио и Ohridpress, 83-годишниот охриѓанец Томе Плевнеш кој својот активен работен век, освен како економист го поминувал и со јавни музички настапи во некогашните најубави хотели на охридското крајбрежје.

– Хотелот „Палас“ беше врвен туристички објект, а сега е врвна гробница. Како што се распадна Југославија, се премина на приватен капитал, општината немаше сила да го одржува тој објект, па  беше во мирување, а потоа и во ликвидација. Сега гледам светилки светат околу него за да се види таа прекрасна фасада на хотелот.  Инаку, видни личности доаѓаа во тој прекрасен парк на „Палас“. Имаше бина за секакви пригоди која беше изградена со чинии. Секој конгрес се одржуваше во „Палас“ зашто немаше услови во другите хотели, освен синдикалната сала, се присетува Плевнеш.

Според Плевнеш, репертоарот на охридските тајфи на почетокот кога Охрид се уште бил неоткриен туристички град се сведувал на охридскиот староградски мелос, но со напливот на туристи тој се надоградувал и со песни од попранешните југословенски републики.

– Најмногу бевме застапени со охридскиот мелос. Но почнаа да се одржуваат разни семинари и конгреси и Охрид допрва се откриваше, па моравме да го градиме репертоарот во духот на СФРЈ. Мораше да пееме и на српски, на хрватски, на словенечки, на босански. Го градевме и репертоарот, и себеси, а ги задоволувавме и музичките вкусови на нашите гледачи кои сакаа да се разонодуваат, раскажува тенорот Томе Плевнеш.

Плевнеш во интервјуто за Супер радио и Ohridpress вели дека Охрид не случајно е избран меѓу петте најубави градови во светот и додава оти за ништо не би го менувал. Пензионерските денови во лето ги поминува со своето кајче со кое ги шета туристите по езерото и им раскажува за убавините на Охридското Езеро, а не ретко умее и да им запее по некоја убава песна.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај/А.Р.)

извор: Супер радио фото: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука