февруари 28, 2015

Москва, 28. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Руската опозиција ќе организира поворка на жалост во спомен на убиениот опозиционер Борис Немцов во центарот на Москва.

Акцијата е планирана како протестен марш против војната во Украина под наслов “Пролет”, а Немцов беше еден од организаторите.

– Ние сме во нова политичка реалност. Во неа нема место за маршот во Марино на 1 март со зелени знаменца. Утре ќе има поворка на жалост во центарот, напиша организаторот на митингот, Леонид Волков.

За новата акција во центарот на Москва соопшти исто и шефот на одделот за истраги од Фондот за борба против корупција, Георгиј Албуров.

По убиството на рускиот опозиционер и поранешен вицепремиер Борис Немцов во центарот на Москва, водечки коментатори пишуваат најмногу црни прогнози за политичкиот процес.

– Борис Немцов беше храбар руски политичар кој никогаш не се откажа од својот сон неговата земја да направи транзиција од диктатура кон либерална демократија, пишува “Вашингтон пост”.

– Поранешниот гувернер и вицепремиер во владата на Борис Елцин, упорно продолжуваше да го подига гласот против режимот на Владимир Путин, откако другите негови противници избегаа од земјата, коментираат светските весници.

Синоќа Немцов беше застрелан на мост во близина на Кремљ.

Непознат напаѓач го застрелал Немцов четири пати во грбот со пиштол, прецизира БиБиСи. Стрелачот избегал со автомобил. (Крај)

извор: БиБиСи/Вашингтон пост фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука