јануари 28, 2015

Струга, 28. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Наставниците и професорите се на маргините на достоинството, реагираат преку отворено писмо вработените во Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга кои го поддржуваат штрајкот и веќе деветти ден ја бојкотираат наставата.

– Бидејќи подолго време сме изложени на низа необјективни оценувања од страна на министерството за образование и наука и нашата професија е доведена под маргините на секое достоинство, чувствуваме потреба да бидеме слушнати. Секој просветен работник кој совесно ја извршува својата работа, добро знае дека оценувањето, пред сè, претставува вреднување на вложениот труд. Екстерното оценување, спротивно на тоа, претставува обезвреднување на трудот на просветниот работник и негово деградирање како личност, велат професорите-штрајкувачи.

Според нив, жртви на екстерното тестирање биле и професорите, но и учениците и родителите.

– Нашиот штрајк не треба да биде поддржен само од просветните работници, туку и од сите совесни граѓани, кои ја согледуваат реалноста и последиците од оваа состојба. Свесни сме за изгубаните часови и жалиме што нашите ученици не можат во нормални услови да го започнат второто полугодие, но се надеваме дека оваа краткорочна вонредна состојба ќе успееме да ја надминеме, а сè во интерес на подобро образование.
Апелираме до целата јавност, родители, ученици, колеги, кои од свои причини не се со нас (но скриено и латентно го поддржуваат штрајкот), но и до надлежните институции кои во моментов немаат слух за сериозноста и тежината на проблемите со кои се соочува образованието, да воочат дека се работи за нешто сериозно, дека нешто не е во ред, бидејќи една широка интелектуална маса решила своите права да ги бара на ваков начин, велат професорите од СОУ „Нико Нестор“.

Преку отвореното писмо, тие побараа да бидат соосветно застапени во медиусмкиот простор, во интерес на, како што велат, достоинството и квалитетот на образовниот систем.

– СОУ „Нико Нестор“ од Струга е мултиетничко училиште. Како и секаде каде има фреквенција на средношколска популација, можни се и одредени еуфорични искрења. Но, кога беа во прашање такви судири меѓу мешани етникуми, секогаш бевме третирани како медиумска сензација, стои во отвореното писмо на професорите од Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга кои штрајкуваат.(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука