февруари 7, 2015

Охрид, 7. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на КИЦ „Култура 365“ во Охрид се одржа поетска средба во чест на холандскиот писател А. ден Долард на која се претставија поети од земјава и соседството.

Со избрана поезија се претставија: Тоде Илиевски, Жаклина Ристоска, Веле Митаноски, Маја Мојсова, Лидија Размоска, Мирко Томовски, Зорица Илиевска, Трифун Ѓоргиевски, Петко Шипинкаровски (Струга), Блага Печенковска (Ресен), Арјан Калчо (Корча, Албанија).

poetivokic

Поетите и посетителите на поетската средба имаа можност да слушнат за животот и делото на А. ден Долард, но и да се запознаат со некои досега непознати факти за неговата литература, во која била презентирана Македонија и Охрид.

– Книгата „Свадбата на седумте цигани“, која е објавувана и под наслов „Циганска свадба“, во периодот на Втората Светска војна, додека А. ден Долард живеел како бегалец во Лондон, за читателите во Холандија претставувала еден вид на еликсир. Тие признавале дека таа книга им била како еден вид утеха, за полесно да ги поднесат ужасите на војната, кажа на средбата охридскиот писател Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“, еден од најдобрите познавачи на животот и делото на холандскиот писател.

Според м-р Лидија Размоска, која го водеше настанот во улога на водител и презентер, објасна дека овој настан на одбележувањето на роденденот на А. ден Долард, е повод за поттикнување на настаните во зимскиот период.

– Многумина знаат што значи А. ден Долард за македонскиот народ, а конкретно за охриѓани. По сите настани кои се реализираа, овој период зимата, за поетите и писателите може да биде посебен настан за мотивација. На оваа средба се собравме, да слушнеме што другите можат да напишат поттикнати од нечија поезија или проза, рече Размоска.

Поетите, пак, со свои видување за средбата:

– Чест е да се биде дел од ваква средба, честитки до организаторите, ни овозможија да прочитаме поезија во чест на роденденот на А. ден Долард, истакна поетот Тоде Илиевски.

– Јас се претставив со две песни, една е со посвета на македонски актер, рече поетесата Блага Печенковска, гостинка од Ресен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Мишо Јузмески

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука