јули 24, 2019

Охрид, 24. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Глисерот што полицијата го заплени во Охрид, кој треба да биде доказ во случајот „Рекет“, е огласен за продажба и не е во сопственост на Зоран Милевски, познат како Зоки Кически, дознава „А1он“.

Како вистински сопственик се јавува охриѓанецот Марјан Грунчев, кој за „А1он“ тврди дека станува збор за грешка и бара да му се врати глисерот.

– Глисерот е мој, станува збор за некоја грешка дека е на Зоки Кичеец, пријавив во МВР, поднесов документи и мојот адвокат си ја брка работата. Не знам како може да дојде до ваква грешка, и јас се чудам, вели Грунчев за „А1он“.

Грунчев вели дека се познава со Кичеец, кој се возел во глисерот, и додава „Можеби затоа е дојдено до таква забуна“.

– Глисерот се води на мое име. Ниту сум го купил од Зоран, ниту ништо. За истиот имам потенцијални купувачи, се јавуваат луѓе, додава Грунчев.

Полицијата по наредба на Јавното обвинителство на 20-ти јули во Охрид изврши заплена на најмалку еден глисер и други предмети и луксузни возила, а во врска со случајот „Рекет“. Запленетите возила ќе останат запленети се до завршување на истрагата во која што се опфатени.

Оваа заплена е дел од истражните дејства за „Рекет“ во кој првоосомничени се Бојан Јованоски (Боки 13), од  1ТВ, и Зоран Милески – Кически. Случајот се однесува на изнуда на пари од бизнисмени. (Крај)

извор: А1Он фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука