Охрид, 11. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид лиши од слобода две лица и презема мерки за пронаоѓање на едно лице-можен сторител на казненото дело „убиство во обид“ извршено вчера во 13:45 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид.
Двете лица, вчера во 17:00 часот, во полициската станица во Охрид, се лишени од слобода, кои, во моментот на извршување на казненото дело биле со можниот сторител.
– Вчера, засега непознатиот сторител, со огнено оружје пиштол пукал кон 34-годишниот С.М од Охрид, нанесувајќи му прострелна рана во пределот на десната потколеница. Повреденото лице со возило од Итната помош е пренесено во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, од каде, по укажаната лекарска помош е префрлено во Клинички Центар Скопје, се вели во соопштението од Канцеларијата за односи со јавност при СВР Охрид.
Сторителот на казненото дело „убиство во обид“ пукал врз сега повредениот, откако двајцата се сретнале на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Бистрица“ во Охрид при што настанала жестока меѓусебна вербална расправија. По испукувањето, сторителот на казненото дело, заедно со уште три други лица, со патнички автомобил „Фолксфаген Пасат“ со швајцарски регистарски ознаки, избегале од местото на настанот. Тука, Јавиот обвинител и полициски екипи од СВР Охрид, извршија криминалистичко-технички увид. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива