август 5, 2017

Хенриков Лубањск, 4. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на градот Хенриков Лубањск на југозападот на Полска водат грчевита борба да го спасат најстарото дрво во земјата од големите жештини кои го зафатија регионот.

– Ова дрво од видот европска тиса ги надживеа сите цареви, беше сведок на раѓањето на полската државност, го преживеа нападот на Козаците и грев би било да го уништи жештината после толку години, велат жителите на градот.

Станува збор за најстарото дрво во Полска, кое е споменик на културата од 1992. година. Високо е 12 метри и некогаш имало стебло од пет метри. Дел било уништено во големо невреме кон крајот на 19. век, а дел уништиле Козаците кои се изживувале врз него со нивните сабји во 1813 година.

– Дрвото веќе нема можност да на температура далеку над 30. степени прима доволно вода од почвата. Сега му направивме сенка и внимаваме да има доволно влага кај коренот, изјави за полската телевизија ТВН24 Јежи Столарчик кој се грижи за дрвото.

Минатото лето, жителите на Хенриков Лубјанск организираа доброволно собирање на пари. Набавено е скеле кое во најтоплите денови се поставува околу дрвото, а има и посебни распрскувачи за вода кои го ладат дрвото. Тие се горди што успеале да го вратат древното дрво во живот.

– Годините и староста го прават своето, но и Сонцето и сушата. Би сакала оваа тиса да расте уште долго. За нас е прашање на чест ова дрво да не умре, изјавила за медиумите жителка на градот. (Крај)

извор: РТС фото: РТС

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука