септември 18, 2019

Охрид, 18. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Oд утре се очекува позначитена промена на временската состојба, со зголемена облачност и повремени врнежи од дожд, поинтензивни во западните и југозапдните предели од државава, каде не се исклучува можноста и за нестабилност проследена со појава на грмежи и засилен ветер.

– Се работи за кртакотрајна промена, што значи облачното и врнежливо време ќе се задржи само утре, по што од задутре, па натаму за време на викендот очекуваме намалување на облачноста, па поради разведрувањето и продорот на постуден воздух од север и минималните и максималните температури ќе бидат значително пониски за разлика од сегашните, рече метеорологот Славчо Попоски, кој денес гостуваше во емисијата Радио Корнер на Супер радио.

Какви се првичните анализи околу тоа каква есен и зима не очекуваат, повеќе од интервјуто за Супер Радио и OhridPress.

Супер радио: Што се промени во Вашиот живот од пред три години, кога со метео прогнозите околу катастрофалното невреме во Стајковци, скопско, стигнавте во фокусот на јавноста?

Попоски: Од тогаш, па до сега, буквално се’ се промени. Станав популарен, граѓаните се’ повеќе ме препознаваат, ме поздравуваат. Добивам многу пофалби околу временските прогнози кои ги изработувам, но секако има и по некој негативен коментар, што е сосема природно за една јавна личност.

Супер радио: Денеска времето е сончево и пријатно, но тоа нема да потрае, не очекува промена на времето?

Попоски: Уште денеска во најголем дел од државава, ќе се задржи стабилно, суво и натпросечно топло време, но веќе во попладневните часови, од северозапад и запад облачноста постепено ќе зголемува и така во вечерните часови ќе има услови за сосема слаб локален дожд, а на север попладневно ќе започне да дува засилен ветер од северен правец, кој повремено на некои места ќе засилува на интензитет, ќе достигнува брзина и до 70 км/час и истиот ќе услови пад на температурата на воздухот. Од утре очекуваме позначитена промена на временската состојба, односно ќе имаме зголемена облачност, со повремени врнежи од дожд од локален карактер, а врнежите ќе бидат почести од пладневните часови па натаму, а поинтензивни ќе бидат во западните и југозападните предели од државава, каде не се исклучува можноста и за нестабилност проследена со појава на грмежи и засилен ветер.

Супер радио: Овие влијанија ќе се краткотрајни или ќе се задржат подолго?

Попоски: Се работи за кртакотрајна промена, што значи облачното и врнежливо време ќе се задржи само утре, по што од задутре, па натаму за време на викендот очекуваме намалување на облачноста. Поради разведрувањето и продорот на постуден воздух од север, максималните дневни температури ќе бидат значително пониски за разлика од сегашните, иситте ќе бидат за 10-тина степени пониски, односно во интервал од 16 до 26 степени во најтоплите делови од државава. Особено студено ќе биде наутро, кога минималните температури ќе се пуштат во интервал од -1 до 10 степени. Важно е да напоменеме дека доколку граѓаните излегуваат во раните урински часови, задолжително со себе да понесат потопла облека.

Супер радио: Што велат Вашите првични метео анализи околу тоа каква есен не очекува?

Попоски: Според моменталните анализи, во следниве неколку есенски месеци, кај нас се очекува врнежите да бидат под есенскиот просек. Но, сепак не се исклучува можноста да надојде некој поизразен циклон кој би условил поинтензивни врнежи од дожд. Како што ќе навлегуваме во доцна есен, во октомври и ноември, на повисоките места и планините ќе започнат да растат и условите за првите врнежи од снег.

Супер радио: Пред крај, можно ли е да се прават метео анализи и околу престојната зима, по што таа ќе биде специфична?

Попоски: Првите анализи околу времето во престојната зима укажуваат на тоа дека оваа зима има услови да биде постудена од претходните, со почести и поостри воздушни бранови, но од друга страна релативно посува, со послаби врнежи. Но, ќе напоменам уште еднаш дека на овие прогнози може да влијаат и непредвидени појави кои не би можеле да ги предвидеме од сега.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука