февруари 5, 2015

Скопје, 05. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Површините што ја ранат Македонија се под вода. Штетите веќе се огромни, а што ќе предизвикаат допрва ќе се утврдува. Се стравува од ценовен шок, анализира Дојче веле.

Кочанско поле, струмичко, кумановско, но најкритично е во Пелагонија, житницата која ја рани Македонија. На терен се води вистинска битка за да се спаси она што може. Се стравува од вистинска катастрофа. Поплавени се преку 60% од посеаните површини со есенски култури. Сигурно ќе имаме помал принос од очекувањата.

Непожнеана пченка од минатата година која заради влагата не се пожнее е целосно поплавена. Се работи за пет илјади тони пченка која сигурно ќе пропадне, чиста загуба од 50 милиони денари.

Земјоделците од овој крај се буквално во паника. Клучниот предизвик во моментов е како да се спаси она што може да се спаси. За штетите, допрва ќе се зборува.

Дека ќе има сериозни последици и ценовен шок веќе никој нема дилеми. Експертите предупредуваат дека ќе биде потребна соодветна реакција и од државата во амортизирање на последиците.

Се стравува од последици и кај млечната индустрија која исто така директно е зависна од Пелагонија. Преработувачите засега не чусвтвуваат пореметувања на пазарот. Велат, состојбата засега е главно стабилна но никој не може да гарантира што и како ќе се случува доколку во брзо време не дојде до нормализација.

Комисии на терен прават попис на штетите. Се прават пресметки на земјоделските површини што се под вода по што ќе може да се прецизираат и директните штети, ако тоа воопшто е и можно точно да се направи. Државата вети помош, но во колкав обем и по кој основ таа ќе се пресметува и доделува допрва ќе се утврдува. (Крај)

извор: ОхридПрес/Дојче Веле фото: вести.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука