август 25, 2017

Сеул, 25. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Судот во Сеул денеска го осуди првиот човек на јужнокорејскиот гигант „Самсунг“, Ли Џае Јонг, на пет години затвор за давање поткуп и за неколку други кривични дела поврзани со корупција.

Судот не го прифати барањето на обвинителството, за казна од 12 години затвор.
45 годишниот Ли кој раководеше со „Самсунг“, е син на формалниот претседател на оваа голема и престижна компанија во Јужна Кореја и во светот и милијардер, кој поради нарушено здравје се повлече од управувањето со фирмата.

Судскиот процес против Ли траеше повеќе месеци и е дел од големиот корупциски скандал што предизвика смена на претходниот јужнокорејски претседател Парк Геун-хие, која, исто така, е обвинета за корупција.

Ли Џае Јонг е прогласен за виновен затоа што и давал поткуп на бившата претседателка за да ја обезбеди владината подршка за спроведување на едно големо бизнис интегрирање, со кое „Самсунг“ требало да ја засили и онака силната позиција во јужнокрејската економија.

Пресудата против фактичкиот претседател на оваа семејна компанија претставува удар врз угледот и престижот на „Самсунг“, посебно на меѓународниот пазар, па неговите акции на берзата во Сеул, денеска, се намалени за 11 отсто.

Овој пад, меѓутоа, не и попречи на фирмата вредноста на акциите и натаму да бидат на рекордно високо ниво.

„Самсунг“ е најголемиот производител на смарт мобилни телефони во светот и целит негов бизнис чини 15 отсто од вкупната јужнокорејска економија. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука