јуни 12, 2017

Сан Хуан, 12. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Порториканците референдумски се изјаснаа дека сакаат нивната земја да стане 51-ва сојузна држава на САД, јави ДПА.

Гласачите требаше да избираат меѓу три можности, независност, целосно членство во составот на САД или задржување на сегашното статус кво, кое датира од 1898 година.
По пребројуавње на 92 проценти од гласовите, 97,2 отсто од гласачите се изјасниле за приклучување кон САД.

Резултатот од референдумот нема правно-обврзувачки карактер, бидејќи само американскиот Конгрес има право да го менува статусот на Порторико.

Одзивот беше низок, едвај 23 отсто од 2,3 милиони регистрирани избирачи се појавија на гласачките места, откако опозицијата повика на бојкот.

Жителите на островот на кој се говори шпански, се граѓани на САД, но имаат ограничени избирачки права и претставување во Конгресот.

Критичарите на сегашниот статус на островот на „слободно придружена држава“ кон САД, но со статус на неинтегрирана територија, велат дека тоа е остаток од колонијализмот и сметаат дека САД имаат морален долг да го направат островот сојузна држава.

извор: МИА   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука