декември 11, 2019

Скопје/Охрид, 11. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид денес е на дневен ред на пленарна седница во Собранието.

Поднесувачи на предлог законот се пратениците: Жаклина Лазаревска, Рубин Земон, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Арта Точи, Шпреса Хадри, Ѓулумсер Касапи, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ и Лилјана Поповска. Според дел од предлагачите целта е согласно Законот за високо образование универзитетот и градот Охрид, да се етаблира во мапата на квалитетни светски универзитетски центри, базиран на традициите на Охридскиот Светиклиментов Универзитет.

Од Студенскиот парламент преку допис и јавно искажаа дека се против измените и транформација на Универзитетот. Велат дека се налага тотална трансформација од Универзитет за компјутерски науки и инженерство во Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика, кој е сроден со науките кои се изучуваат на Факултетот за туризам. Студентите поднесоа и петиција со нивни потписи до Собранието, Владата и ресорното министерство.

Еден од предлагачите, пратеникот Рубин Земон за Супер радио и OhridPress изјави дека студентите се во заблуда, не станува збор за укинување на студии туку се прави реорганизација на Универзитетот, која нема да донесе последици за студентите.

По ваквите случувања, пратениците Жаклина Лазаревска и Рубин Земон се сретнаа со претставници на студентскиот парламент на Универзитетот, по што се псотигна согласност по одредени прашања. Па, така наместо по скратена, предлог законот ќе оди по редовна постапка, помеѓу двете читања матичната комисија за образование, наука и спорт ќе организира јавна дебата на која ќе бидат повикани сите релевантни и заинтересирани страни, законот ќе претрпи амандмански измени што ќе произлезат од јавната дебата, а согласно Законот за високо образование, усогласувањето и терминологијата на постоечките акредитирани факултети ќе се направат напори истите да го задржат статусот на Универзитетот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука