јануари 23, 2020

Охрид, 23. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид го помина првото читање во Собранието.

Според дел од предлагачите целта е согласно Законот за високо образование универзитетот и градот Охрид, да се етаблира во мапата на квалитетни светски универзитетски центри, базиран на традициите на Охридскиот Светиклиментов Универзитет.

На ова од Студенскиот парламент преку допис и јавно искажаа дека се против измените и транформација на Универзитетот. Велат дека се налага тотална трансформација од Универзитет за компјутерски науки и инженерство во Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика, кој е сроден со науките кои се изучуваат на Факултетот за туризам.

По ваквите случувања, пратениците Жаклина Лазаревска и Рубин Земон се сретнаа со претставници на студентскиот парламент на Универзитетот, по што се псотигна согласност по одредени прашања.

– Им усвоивме дел од забелешките на студентите, тоа што беше законски возможно. Ова се прави за подобрување на состојбата во Универзитетот, а не обратно. Ние сакаме да се спаси тоа што е во Охрид оти градот заслужува да има Универзитет, вели за Супер радио и OhridPress пратеникот Рубин Земон, еден од предлагачите на законот.

По првото читање кое вчера помина во Собрание, новото законско решение сега ќе оди на јавна расправа, по што ќе се поднесуваат амандмани, па ќе се премине на второ читање во парламентот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука