јануари 29, 2015

Скопје, 29. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Утре во хотелот Холидеј ин во Скопје ќе се одржи презентација на Регионалниот извештај за антикорупција: Проценка на корупцијата и антикорупцијата во Југоисточна Европа  подготвен од иницијативата СЕЛДИ (Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа) чија членка е и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Извештајот е дел од проектот Регионална платформа за борба против корупцијата, поддржан од Европската Унија и дел од Програмата на УСАИД за борба против корупцијата.

На промотивниот настан ќе се обратат вршителот на должност Амбасадор на САД, Барт Патни и Мартин Клауке, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

Даниела Минева, Истражувач во Центарот за изучување на демократијата, Бугарија ќе го презентира Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија, а Мунир Подумљак, извршен директор на Партнерство за општествен развој од Хрватска ќе зборува за искуствата на Хрватска во борбата против корупцијата.

Проектот Регионална платформа за антикорупција е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Центарот за изучување на демократијата од Бугарија и неговите партнери. Целта е да се воспостави дијалог со носителите на одлуки на регионално и на национално ниво како и да се зголеми транспарентноста, легитимноста и сигурноста на организациите на граѓанското општество. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука