јануари 23, 2020

Охрид, 23. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Да има поголема синергија помеѓу образовните институции и компаниите, повеќе практични часови за сметка на теоретските како би овозможиле да имаме поквалификувана работна сила.

Дуалното образование покажува одлични резултати во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, а е конципирано како еден вид јавно-приватно партнерство помеѓу стручните училишта и компаниите, а е координирано од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Нивна делегација, заедно со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска го посетија средното училиште за да се запознаат со условите за спроведување на дуалното образование во овој образовен центар.

Паралелките во кои се применува дуалното образование засега се во профилите техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство, а практична настава се реализира во компаниите „ОДВ Електрик“, „Костал“ и „ЛТХ Леарница“.

http://emucohrid.edu.mk/wp-content/uploads/2019/06/slika-1.jpg

– За прв пат некој да не е доминантен туку сите на исто ниво дискутиравме какви се потребите во иднина на компаниите, како училиштата да го искоординираат сето тоа за подобра реализација на проектот дуално образование, истакна директорот на училиштето Сашо Недески.

http://emucohrid.edu.mk/wp-content/uploads/2020/01/Slika-3.jpg

– Од примерот на ова училиште се констатира дека на овој начин учениците добиваат повеќе знаење и вештини и се поподготвени во производниот процес. Стопанските комори и работодавачите алармираат дека има недосток од стручен и квалификуван кадар и дефицитарност од одредени струки, а на нашата земја и е потребна стабилна и одржлива економија. Со ова тестирање на програмите за дуално образование се увидува дека може да се постигне усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд, рече Царовска.

– Обуката е во пораст и е добар начин да се креираат најдобри можности за професионалната кариера на младите со софистицирани нови професии како мехатроника, машинци кои се барани на пазарот. Задоволни сме, гледаме инвестиици за развој на компаниите и потреба од обуки, истакна Патрик Мартинс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

По завршување на средното училиште, учениците покрај диплома за завршено средно стручно образование добиваат и сертификат од Делегацијата на германското стопанство кој е меѓународно признат и ќе биде плус при вработувањето.

Од Министерството за образование со најава дека ќе следуваат реформи во средното стручно образование, со враќање на практичната работа во повеќе школи.

Стопанските комори и работодавачите алармираат на наедостаток од стручен и квалификуван кадар.Преку дуално образование може да се постигне усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд, па некои од средношколците уште додека учат би можело да работат во компании каде се потребни овие профили. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука