февруари 17, 2017

Скопје/Охрид, 17. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од интернационалната програма „Еко градинка“, организацијата ОХО информира дека „Програмата за мали грантови“ повторно е отворена за градинките кои се членови во националната мрежа на еко градинки.

Јавната установа Детска градинка „Јасна Ристеска“ Охрид исто така е членка на националната мрежа на еко градинки.

Целта на „Програмата за мали грантови“ е да се промовира заштитата на животната средина преку поттикнување на еко градинките да развијат и имплементираат практични еколошки проекти на темите: енергија, вода, управување со отпад и чист воздух.

Право на учество во „Програмата за мали грантови“ имаат еко градинките, кои се наградени со статусот за зелено знаме во учебната 2015/2016 или 2016/2017 година, со испраќање на еден предлог проект кој ќе обработува една од понудените теми. Предлог проектот треба да нуди практични решенија за подобрување на условите за престој и работа во градинката, преку мали инфраструктурни зафати или набавка на опрема, но истовремено ќе треба да биде проследен со едукација на децата за направените промени и придобивките за животната средина.

Предлог проектите се испраќаат исклучиво преку електронска порака на eko-mreza@mon.gov.mk најдоцна до 3-ти март. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука