април 19, 2017

Охрид, 19. април 2017 (ОХРИДПРЕС) — Променливото време влијае многу на здравјето на граѓаните, потврдуваат охридските здравствени работници.

Повозрасната популација повеќе страда од ревматски проблеми, омалаксаност и проблеми со крвниот притисок, додека ваквото време влијае негативно на расположението на сите, без разлика на полот и возраста.

– Голем дел од пациентите и самите си знаат дека се нарушува нивното здравје при драстично променливо време, па се обраќаат за стручен лекарски совет. При променливо време најизразени се омалаксаноста на организмот и варирањето на крвниот притисок. Препораките се граѓаните повеќе да се на витамиска терапија. Обично сите треба да внесуваме што повеќе витамини, но, посебно лицата кои се метеопати, вели д-р Соња Кичеец.

Но, промените на времето, температурните разлики и дождот предизвикуваат здравствени проблеми само кај дел од граѓаните. Како што додава д-р Кичеец, некои од граѓаните имаат поголема отпорност, додека други помала. Нестабилните временски прилики и кај здравите луѓе, можат да доведат до проблеми со циркулацијата.

– Ние во нашата ординација немаме пациенти мали деца, претежно се од повозрасната популација, но, сепак и за младите даваме препораки, во овој период од годината да се чуваат од настинки. Не треба нагло да се отфрла облеката. Ако е сончево време, не се препорачува многу да се расоблекуваат, објаснува д-р Кичеец.

Проблемите со горно респираторните патишта и температурните промени, е причината што пациентите во голем број бараат лекарска помош при променливо време, дополнува д-р Кичеец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука