Софија/Охрид/Струга, 17. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Уште една афирмација за туристичките потенцијали на Република Македонија доаѓа од претставувањето на Меѓународната саемска манифестација за промоција на туристичката понуда во Софија, Бугарија – HOLIDAY&SPA EXPO 2017.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од 15-ти до 17-ти февруари е дел од 34-то издание на овој саем.
Со промоцијата на туристичките потенцијали на саемот во Бугарија се очекува уште поголем број на бугарски туристи да го посетуваат и во иднина Охрид и Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, туристите од Бугарија се на петтото место по бројност и реализирани ноќевања во Охрид и Струга.
За време на саемот во Софија остварена е средба со амбасадорот на Куба во Бугарија, Педро Пабло Сан Јорге со цел негово запознавање на туристичките можности на Македонија и продлабочување на соработката во туристичкиот сектор помеѓу двете земји.
Познатиот тур-оператор Бохемија и Асоцијацијата на туристичките агенции на Бугарија (БАТА) сметаaт дека Македонија има атрактивна понуда за бугарскиот пазар, заклучок кој доаѓа како резултат на нивната организација на кружни тури низ Балканот, во кои е вклучена и Македонија.
На саемот за туризам во Бугарија туристичката понуда ја претставија 377 излагачи, а на штандот на Македонија присутни беа тур-операторите Фибула и БТБ Турс, како и хотелите „Изгрев“, „Климетица“, „Сириус“ и „Аурора Ресорт и Спа“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива