мај 26, 2021

Охрид, 26. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Стоп за лошите реформи во образованието! Стоп за укинување на печатените учебници! Стоп за термините родител 1, родител 2, наместо татко и мајка!

Со овие пораки, денеска се одржа мирен протест на Градскиот плоштад во Охрид каде учесниците го искажаа своето несогласување со дигитализацијата на учебниците.

Родителите потенцираат дека тие се за дигитализација, но не на начин како што најавува МОН.

– Протестираме за доброто на вашите деца, за себе, за нашите деца. Разбудете се, затоа што ако не сториме нешто за себе, никој нема да дојде да ја заврши нашата работа што мора да ја направиме. Стоп за Законот за вкупна дигитализација на учебниците и многуте други деструктивности во образованието, порачаа од протестот.

Протестите се во организација на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, од каде денес по втор пат поднесоа Предлог до Собранието на Република Македонија за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на Референдум за одлучување и директно изјаснување на волјата на граѓаните за предложениот Нацрт Закон за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука