август 19, 2019

Скопје/Охрид, 19. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес започнува вториот циклус обуки за раководители на училиштата во Охрид и во Штип, како дел од програмата „Училишта на 21-от век“, по што на 21-ви август следува и обука за наставници.

Оваа програма вредна 10 милиони фунти, ќе опфати 380 наставници во 63 училишта во наредните неколку месеци. Исто така, 2.000 micro:bit уреди кои се користат за кодирање, ќе бидат донирани во училиштата во Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Штип, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Кочани и Скопје.

– Резултатите од првиот циклус се одличен показател дека училиштата, Британскиот совет и Министерството за образование вршат одлична работа со оваа програма. На неодамнешниот регионален натпревар за кодирање, што се одржа овој април во Белград како дел од Дигиталниот самит за Западен Балкан, и двата македонски тима освоија големи награди. Училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп го освои второто место на натпреварот, додека училиштето „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ја освои наградата за тимска работа. Децата учат на нов, забавен и интересен начин со користење на џебни micro:bit уреди за кодирање и веќе почнаа да покажуваат добри резултати, соопштија денеска од Британскиот совет.

Бидејќи добрите наставници се главниот столб на доброто образование, се подвлекува, Британскиот совет се фокусира на обука на наставниците за вклучување на овие нови наставни практики во училниците и им помага на децата да се подготват за иднината.

Програмата „Училишта на 21-от век“ ќе опфати повеќе од еден милион деца во Западен Балкан во следните три години и ќе им помогне да стекнат вештини за креативно решавање на проблемите со помош на критичко размислување и кодирање. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука