Скопје, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – И оваа година се распишува конкурс за доделување на државната награда “Св. Климент Охридски”.
Наградата по правило се доделува секоја година, а во една година може да се доделат најмногу пет награди.
Со истата се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност. Наградата покрај на домашни, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство за остварување од јавен интерес за Република Македонија.
На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ, на секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ, а на наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.
Паричниот износ на државната награда “Св. Климент Охридски” изнесува десет просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година.
Иницијативите треба да се достават на адресата: Министерство за култура на Република Македонија – Одбор за доделување на државната награда “Св. Климент Охридски”.
Конкурсот за апликации ќе биде отворен до 30-ти јуни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива