февруари 1, 2022

Охрид, 1. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Првиот месец од 2022 година Охрид го заврши со 1.107 нови позитивни случаи на Covid-19.

Ова е рекордна бројка за период од еден месец регистрирана од почетокот на ковид пандемијата.

Во овој период имало 1.059 оздравени пациенти, а 20 починале како последица на компликации предизвикани од вирусот. Моментално во градов има 271 активeн случаj на Covid-19.

Месецов е забележлив голем број на амбулантски случаи, на дневна основа имаше и до 160 прегледи.

Заразени со вирусот има и меѓу здравствените работници и персоналот, но надлежните велат со ротации засега успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти.

Докторите и медицинскиот персонал веќе две години се на првата борбена линија со корона вирусот, сведоци на пациенти кои ја победија болеста, но и на многу семејни трагедии по загуба на нивни најблиски. Заморот веќе ги надвладува, а дополнителен проблем е психичкото и физичкото малтретирање, закани и напади упатени кон нив. Последен беше случајот со вербален и физички напад врз докторка од Инфективното одделение во Општата болница, само затоа што не можел да чека на ред. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука