февруари 2, 2022

Скопје, 2. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Владата на последната седница одлучи решенија за изолација за лица кои се позитивни на Covid-19 или се контакти на позитивни лица да се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и дополнително во Службен весник во најбрз можен рок.

Притоа, потенцираат од владината прес служба, нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.

– Оваа измена се воведува поради зголемениот број граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број денови за изолација, а со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на Covid-19, се вели во владиното соопштение.

За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните.

Потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука