јануари 28, 2017

Охрид, 28. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од патувања, до спомени, дестинации кои стануваат реалност, но ништо не се постигнува без труд и вложување, објаснува Драгана Ристевска, директорка на Туристичката агенција „Венус травел“ од Охрид.

Од почетоците на туристичката агенција, клиентите ја препознаа компанијата како извор на специфични и несекојдневни понуди за патувања, потврдени со висок професионализам на комплетниот тим.

Директорката Ристевска во интервјуто за Супер радиои OhridPres додава дека постоењето на агенцијата целосно го оправдува мотото под кое работи во изминативе четири години.

Супер радио: „Венус Травел“ како туристичка агенција, чие име асоцира на тежнеење кон достигнување и на најдалечните дестинации, според кои цели најмногу се раководи?

Ристевска: За логото на агенцијата сакав да биде нешто сончево, да асоцира на сонце. Предходно работев во друга агенција, која ми го остави само логото, а јас сакав да измислам ново име. Бидејќи веќе постоеја неколку агенции кои носеа име на сонце, јас помислив агенцијата да ја именувам по планетата Венера. Не ми се допаѓаше како би звучело „Венера Травел“ и затоа го зедов терминот на англиски јазик „Венус Травел“. И навистина, има голема симболика, затоа што секоја дестинација која ќе ја замислам, јас ја остварувам, станува достапна за патување за нашите клиенти. Еве, еден пример, ако се навратам наназад, островите Паксус и Антипаксус во Грција јас прва ги понудив како туристички дестинации за патување, ниту една друга туристичка агенции во Македонија ги немаше во својата програма. Се потврдува дека „Венус Травел“ може да ги носи клиентите каде што ќе посакаат.

draganaristeska1

Супер радио: За една туристичка агенција, како и за секој друг бизнис важи она дека секој почеток бил тежок, или со некакви турбуленции. Со какви предизвици се носи оваа дејност?

Ристевска: Точно, почетокот е тежок во било која сфера. Но, ако се верува во себе и ако се работи, да се има добар тим, тогаш за тој почеток малку се олеснува работата. И она што е меѓу поважните работи, кога се започнува некој бизнис, потребен е добар маркетинг. Јас тоа уште на самиот почеток го направив. Како што одминуваат годините, може да се каже дека подоцна доаѓа поголем обем на работа. Како што се проширува доменот на работа, потешкотиите тогаш доаѓаат, повеќе станува човек зафатен, повеќе работи, се среќава со поширока маса на луѓе, а треба да се стигне секаде навреме каде што е потребно.

draganaristevska5

Супер радио: Како што самата спомнавте дека сте откриле некои дестинации и тие станале дел од понудата за патување, дали Ви станала тоа практика? Местата кои лично Ви оставиле убав впечаток, да сакате потоа да им овозможите и на другите и тие да ги видат убавините?

Ристевска: Да, навистина така е. Адреналин. Сакам да откривам нови дестинации, сакам да им ги покажам на луѓето, а се обидувам да ги понудам со најдостапна цена, која е во сооднос со моменталните прилики кај нас во денешно време. Сакам дестинациите кои ги откривам, и останатите да ги почувствуваат. Исто така, практикуваме со агенцијата да се обновуваат посетите на некои дестинации, кои порано се нуделе од страна на некои други туристички агенции, а подоцна останале заборавени. Во меѓувреме тие дестинации можеби се развивале и станале уште поубави, па знам кога е вистинско време за повторно да ги обновам и да ги сместам во понудата. Кога веќе го спомнав тоа, турата за Острошки манастир, таа порано се нудела, но потоа долго време беше заборавена, меѓутоа, откако влегов јас во овој бизнис со своја агенција, повторно ја актуализирав. Најмногу заинтересирани има за тој манастирски туризам. Луѓето од Охрид, но и од другите градови на Македонија, сакаат посета на манастири. Оваа пролет ќе имаме нешто ново во тој дел.

Супер радио: Како тоа наидува на прием кај оние кои патуваат? Отворени ли се Охриѓани за тие нови предизвици, да патуваат во понепознати места?

Ристевска: Охриѓани се отворени за патување, но може да се каже многу повеќе за оние стандард места, кои им се добро познати, како на пример, шопинг во Солун, прошетка до Тирана, Грција за летување е најбарана, прв крак, втор крак. Така да, не се многу расположени за експериментирање, туку сакаат да патуваат на проверен терен. Но, има и голем број, кои сакаат да патуваат некаде каде што предходно не биле.

draganaristeska4

Супер радио: Имате убаво мото на вашата агенција – „Светот никогаш не бил помал – патувајте со Венус Травел“. Би требало ли ова мото да ги заинтригира луѓето, преку патувањата, меѓу другото и да се пронаоѓаат себеси?

Ристевска: Од животот она што останува вечно, се спомените. Секој си вложува во себе и треба така. Дали ќе станува збор за еднодневно патување, или повеќе дена, дали ќе биде поблиску, или подалеку. Добро е, кој може да посети што поголем број на места на Земјината топка, но се разбира, зависно од времето и можностите. Барем таму каде може да се оди за пристапна цена и да се „соберат“ спомени, би било добро. Затоа кај нас е тоа мото. Инаку, цените ги правиме да се достапни, не е целта да се направат аранжмани со превисоки цени. Треба, се разбира да се има заработка, но цените мора да се достапни за граѓаните да можат да си дозволат да патуваат. Знаеме дека денес е тешко време.

Супер радио: Сепак, со оглед на целата економска ситуација во која е целото општество, со помош на таквите понуди со достапни цени, како да се поместуваат границите, па имаат можност да патуваат и граѓаните од средната и пониската класа. Ако не често, барем еднаш да си дозволат патување. Како агенција, забележувате ли варирање на таа граница во последно време?

Ристевска: Да, има поместување на границата, за разлика од порано. Патуваат и луѓето од средната класа. Некогаш, тоа зависи и од расположение. Може некој да има солидни средства и домашен буџет, а да нема волја и желба да шета и патува. Но, во секој случај, зголемен е бројот на заинтересирани лица за патување и од пониските класи, посебно за оние што се еднодневни тури за надвор.

draganaristeska3

Супер радио: Нешто околу нивоата како сте се изградувале како туристичка агенција?

Ристевска: „Венус Травел“ е туристичка агенција со висок професионализам и со јасно дефинирани цели. Имаме стручна екипа, која ги препознава желбите и потребите на клиентите. Веруваме дека сè што е убаво треба да се сподели. Постоиме четири години, агенцијата ја отворивме на 5-ти октомври 2013 година. Од самиот почеток почнавме со сериозна работа, добар маркетинг. Нè препознаваат клиенти и од другите градови на републикава.

Супер радио: Лично за Вас, дестинација за која си велите: Да можам, би одела што почесто таму?

Ристевска: Виена. Како град ми се допадна многу и би живеела таму. Атмосферата таму е неопишлива, и самите луѓе, и за работа, сè е раздвижено.

Супер радио: А, од Македонија?

Ристевска: Дефинитивно Охрид. Не би можела да живеам во друг град.

Супер радио: Во однос на манастирскиот туризам, ќе се навратиме да проговориме уште малку, затоа што навистина луѓето пројавуваат интерес за овој вид туризам.

Ристевска: Јас почнав со тој вид на аранжмани. Потоа, почна да се нуди и преку агенции од Битола, Скопје, Струга и други. Во еден период туристичката агенција „Арка“ правеше такви тури, но не беше толку масовно.

Супер радио: Бидејќи станува збор за малку поспецифични тури, како ги организирате?

Ристевска: Имаме и еднодневни и повеќе дневни. Како пример ќе ја земам ова турата која ја имаме за Острог, Свети Василиј Острошки. Организацијата е таква, што по пристигнувањето, имаме спроведено сè програмски. Луѓето можат да слушаат дел од Литургијата која се служи, тоа за нив е убаво доживување, потоа можат да си купат некој сувенир, или да го овековечат моментот со прекрасни фотографии. Се посетува и долниот манастир, па се оди до храмот Христово воскресение во Подгорица. Аранжманот е еднодневен, но распоредот е исполнет. Воопшто не се чувствува турата како напорна, дали поради духовниот аспект, и споредбите кои ги правам самата со другите тури, за оваа тура ниту еден клиент досега не рекол дека не му се допаднала. Оваа тура е активна, а не е само обична посета. Имаме и дводневни вакви тури, кои се исто така примамливи, затоа што е вклучено преспивање во манастирот.

venustravelvinskipat

Супер радио: Покрај популарните тури, повторно воведувате новитети. Неодамна ги најавивте 10-те нови пакет аранжмани, кои барем досега, според оценките на јавноста, ќе бидат вистински туристички препород, така да го наречеме. Накратно нешто за оваа идеја?

Ристевска: „Венус Травел“ заедно со Фондацијата „Тиквешки вински пат“ направивме 10 нови туристички производи, од кои една програма се вика „Венус Програма“. Кога велиме новитет, овие тури навистина ќе бидат тоа, затоа што досега немало вакви понуди од туристички агенции кај нас. Моментално програмите се готови за Тиквешкиот регион и ќе има исти такви за Охридскиот регион. Ќе има и тест тури, а некаде од март и април би почнале со продажбата. Овие програми се многу интересни. Направени се по посебен концепт.

Супер радио: Неизбежно е да се постави прашањето како постигнувате со сите овие идеи и обврски?

Ристевска: Се трудам секогаш да стигнам навреме со сè. Имам доста обврски, но зад мене имам добар тим, доста ми помагаат.

Супер радио: Колку често пак, знаете и да си дадете сама на себе мал одмор и да си речете, следниот пат со групата туристи дека ќе одморате, а не да работите?

Ристевска: Често тоа си велам, но не значи дека и се реализирало 🙂 Се случувало да заминам на пат, но таму не би можела само така да седам. Повторно, максимално вложувам напори да бидам со групата, да помогнам за било што.

Супер радио: Идеите за програмите и воопшто целата работа од каде се напојуваат со свежина?

Ристевска: На ова прашање не би знаела да дадам конкретен одговор 🙂 Идеите ми доаѓаат сами од себе. Едноставно, се пронајдов во туризмот и не би ја менувала оваа професија за ништо. Веројатно, она што јас го сакам, добивам идеја да го преточам во програма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Ристевска

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука