Родриго Хернандез го избра Атлетико Мадрид пред Барса

Мадрид, 18. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Атлетико Мадрид ќе биде новиот клуб на Родри, откако „јорганџиите“ ги договорија деталите од овој трансфер со раководството на Вилјареал.

Во изминатата седмица во трката по 21-годишниот играч за врска се вклучи и Барселона, но самиот фудбалер го избрал Атлетико, пред се поради шансата за поголема минутажа.

Родри важи за еден од најдобрите млади шпански фудбалери, а со стилот на игра потсетува на Серхио Бускетс, со оглед на фактот дека природна позиција му е последен играч за врска. Впрочем, членот на Вилјареал има најмногу пресечени топки во Примера сезонава, згора на тоа се наоѓа и во Топ 10 кога станува збор за процент на успешни додавања, па неслучајно за овој фудбалер се заинтересираа дел од најголемите шпански клубови.

Како што јавува весникот „Марка“, Атлетико ја добил трката по разговорите што Симеоне ги имал со самиот фудбалер откако аргентинскиот стручњак му ветил шанса во стартниот тим, нешто што е речиси невозможно во Барса крај Бускетс. Мадридскиот клуб ќе плати 20 милиони евра, плус дополнителни пет преку исполнување на неколку клаузули. (Крај)

извор: Екипа.мк фото: архива

scroll to top