декември 9, 2017

Охрид, 9. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го празнуваат посен свети Ѓорѓија, семејна слава за многу домови, голем ден кој се празнува и како именден и како слава на цели села и градови.

„Како ослободител на плениците и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души“

Овие стихови  пред векови му беа посветени на празникот кој се одбележува денес за Свети великомаченик Георгиј Победоносец (во народот познат како Свети Ѓорѓија). Живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284-305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар.

Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: „Слуга сум на Христос, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христос е единствениот Бог!”.

Царот наредил Св. Георгиј да биде фрлен во затвор и бил изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа надчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се. На иконата Св. Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. Приказот на свети Ѓорѓија како ја убива ламјата е заснован на попууларна легенда во христијанската митологија. според легендата Св. Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.

Во 494. година тој е прогласен за светец, од страна на Гелазиј I (492—496).

Во Македонија постојат многу цркви посветени на Св. Ѓорѓија, од кој најстара е онаа во преспанскиот регион, близу до живописното село Курбиново, во пазувите на планината Пелистер.  Според времето на живописување, забележано на натписот на северната страна со грчка сигнатура, се претпоставува дека црквата била подигната во 1191 година. Она што импресионира и восхитува во оваа црква е нејзиниот живопис, што заедно со оној од црквата Свети Пантелејмон крај Скопје, претставува едно врвно и оригинално остварување од периодот на Комненската уметност во Македонија. (Крај)

извор: МПЦ ОА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука