јануари 5, 2020

Охрид, 5. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во манастирот Свети Наум, на брегот на Охридското Езеро, на денешен ден се упокоил Наум Охридски.

Свети Наум Охридски чудотворец, е еден од основоположниците на словенската писменост и култура.

Нашиот преподобен и голем отец Наум, согласно воспитувањето на благородните родители, откажувајќи се од благородството и богатството, им се придружи на рамноапостолните браќа Константин Философ и Методиј. Станувајќи им придружник на овие прекрасни мажи и благовесници на Вистината, се предаде во нивни раце. Нив ги имаше за пример во сè и за свои учители, поучувајќи се во нивното училиште од делата на свети Григориј Богослов, свети Јустин Философ, свети Григориј Неокесариски, свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст, свети Григориј Ниски, Блажен Августин, свети Јован Дамаскин, и подготвувајќи се за големото апостолско дело што го очекуваше. Дејноста на Свети Наум е тесно поврзана со мисионерската дејност на светите Методиј и Кирил.

Околу 863 година тој замина со нив во земјите на Централна Европа. Патувајќи со нив по селата на новоформираното Кралство на Моравија – на територијата на среден Дунав, меѓу Чешка, Баварија и Словачка – овој вистински Христов апостол беше подложен на многу искушенија: беше биен, исмејуван, хулен, претрпувајќи долги и бескрајни тегоби и тешкотии, затвори, насилства и студ, и протерувања од непријателите Христови и на Верата. Но, Господ го поткрепи нивното богоудно дело и за кратко време работата на овие свети Отци доживеа голем успех, во голема мера и затоа што тие го знаеја локалниот јазик. И за да привлечат мнозина да Го познаат Христос, и за да ги просветлат со светлината на благочестивата вера и со пишаното слово, се спротивставија на тријазичната ерес според која словенскиот јазик не беше достоен за на него да се шири Словото Божјо, туку оваа чест беше припишувана само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Раководени од зборовите на Спасителот: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15), тие го преведоа Светото Писмо – Стариот и Новиот Завет како и Литургијата на свети Јован Златоуст од грчки на словенско-македонски јазик, создавајќи ја за оваа цел глаголицата, предавајќи го јасно словенскиот збор со букви и со изразни зборови какви што пронајдоа. На овој начин ѝ дадоа на својата мисија цврста основа во писмо и книги. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука