мај 2, 2017

Охрид, 2. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светлана Вељаноска е матурантка која е на прагот да одлучи што ќе биде нејзина животна определба. Музиката и танцот секогаш ја привлекувале.

Во финалето на талент шоуто OHRID SUPERSTAR беше избор на публиката. Неколку збора со Светлана Вељаноска, учесник на OHRID SUPERSTAR има во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Осумнаесет годишната Светлана беше единствената стружанка во финалето на талант шоуто OHRID SUPERSTAR. За оние кои не ја познаваат, која е Светлана Вељаноска?

Светлана: Јас сум дружељубива и позитивна личност која сака да шири пријателства. Се занимавам со музиката бидејќи едноставно се пронаоѓам во неа. Отсекогаш ме привлекувала музиката и танцот. Моментално сум четврта година на Економско- правна и трговска струга во СОУ „Нико Нестор” Струга. Ова ми се последните школски денови кои сакам добро да ги искористам и расмислувам кон каде да го насочам мојот живот.

Супер радио: Која музика најмногу те исполнува, со што сакаш да се буди, со што да заспиваш? Имаш ли музички идоли?

svetlana veljanoska1

Светлана: Па не сум точно определена за одреден жанр на музика, но најмногу ме исполнуваат песните на Тоше, Adele, Beyonce.

Супер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде отскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?

svetlana veljanoska2

Светлана: Јас веднаш се пријавив откако слушнав за Ohrid SUPERSTAR, пресудно за моето пријавување беше искуството што би го стекнала од истото.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Светлана: Дружбата со другите кандидати прерасна во вистинско пријателство. Посебно сакам да им се заблагодарам на жири комисијата: Димче Китрозоски, Јовица Каралиевски, Даниел Јовески и Дамјан Пејчиноски што не поддржуваа и ни даваа насоки со цел подобрување на техниката на пеење. Исто така сакам да упатам благодарност до мојот ментор Анита Мицова како и на водителите Александра и Даниел кои постојано не охрабруваа зад сцената. Воедно му се заблагодарувам на мојот професор по соло пеење, Лазар Милошески.

svetlana veljanoska3

Супер радио: Публиката и гледачите се секогаш желни да слушнат што се случуваше на Backstagе-от. Нешто интересно што се случило, а имаш впечаток дека вечно ќе го памтиш?

Светлана: Не можам да одвојам некоја случка затоа што ние постојано се смеевме, се здруживме, едноставно се навикнавме едни на други. Стекнав нови пријателства, со кои постанав многу блиска.

Супер радио: Добиваше силна поддршка од публиката, беше и нејзин избор околу тоа кој треба да биде дел од финалето. Можеш ли да се навратиш на овој момент и да ни опишеш како се чувствуваше кога дозна дека одиш во финале?

Светлана: Чуството кога дознав дека одам во финале беше многу возбудливо. Ќе ја искористам оваа прилика да и се заблагодарам на верната публика, затоа што тие се заслужни за мојот влез во финале. Нивната поддршка за мене беше уште една награда и чест ми е што покрај мене имам луѓе што ме сакаат и поддржуваат.

Супер радио: OHRID SUPERSTAR ти носи учество на Езерски бисери, меѓународен фестивал на уметноста, преку кој се стигнува до Славјански базар. Музиката во твојот живот сакаш да биде професија или хоби?

svetlana veljanoska4

Светлана: Да, чест ми е да присуствувам на еден таков фестивал. Музиката во мојот живот засега е хоби, а во иднина се надевам дека ќе прерасне во професија.

Супер радио: Напорно ли беше темпото што од вас го бараше реализацијата на шоуто и дали би сакала да живееш со такво темпо?

Светлана: Да беше доста напорно, бараше време и посветеност, но истовремено беше забавно и ми причинување огромна чест што бев дел од еден ваков настан.

Супер радио: За крај, каде се гледа Светлана после 5 години?

Светлана: За 5 години се гледам како успешен музичар кој постојано се надоградува и се надевам дека ќе имам добра музичка кариера со завршено високо образование. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука