март 9, 2017

Охрид, 9. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светскиот ден на бубрегот се одбележува секој втор четврток во месец март и негова мисија е да се зголеми свеста за значењето на бубрезите за нашето здравје и да се намали зачестеноста и последиците од болестите на бубрезите и поврзаните здравствени проблеми на светско ниво.

Светскиот ден на бубрегот е заедничка иницијатива на Меѓународното здружение по нефрологија (ISN) и Меѓународната федерација на фондации за бубрези (IFKF). Светскиот ден на бубрегот се одбележува од 2006 година.

За таа цел од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ излегоа со препораки со цел да се информираат граѓаните за значењето на бубрезите за нашето здравје.

Бубрежни заболувања и прекумерната тежина

Прекумерната тежина се дефинира како абнормална или прекумерна акумулација на мастите во организмот кои можат да го нарушат здравјето на луѓето. Во 2014 година, повеќе од 600 милиони луѓе во светот биле со прекумерна тежина. Прекумерната тежина е моќен фактор за зголемување на ризикот за развој на болести на бубрезите. Исто така, прекумерната тежина го зголемува ризикот од развој на главните фактори на појава на хронична бубрежна болест (ХББ), како дијабетес и хипертензија, и  има директно влијание врз развојот на ХББ се до крајниот стадиум на бубрежна болест (ESRD). Кај лицата со прекумерна телесна тежина, бубрезите се оптоварени и  работат посилно, филтрираат повеќе крв од нормалните количини (хиперфилтрација) за да се исполнат барањата на метаболички процеси предизвикани од  зголемената телесната тежина. Зголемувањето на функцијата, односно непотребното оптоварување, може да ги оштети бубрезите и да го зголеми ризикот за развој на ХББ на долг рок.

Добрата вест е дека прекумерната тежина, како и ХББ, во голема мера можат да се одложат односно спречат. Едукацијата и свеста за ризикот од прекумерна телесна тежина од една страна и здравиот начин на живот од друга страна, вклучувајќи и соодветна исхрана и телесни вежби, може значајно да помогне во спречувањето на прекумерната тежина и развој на болестите на бубрезите. Оваа година Светскиот ден на бубрегот промовира активности поврзани со едукацијата за штетните последици на прекумерната тежина и неговата поврзаност со болести на бубрезите, залагајќи се за здрав начин на живот и иницирање на мерки на здравствената политика со кои превентицијата ја промовираат како најприфатлива опција.

Односот меѓу бубрежни заболувања и прекумерната телесна тежина

Постои поголема веројатност бубрежните заболувања  да се развијат кај лицата со прекумерна телесна тежина, вклучивајќи ги и лицата со дијабетес и долготрајна хипертензија. До 2025 година, прекумерната телесна тежина ќе опфати повеќе од  18% од мажите и  21% од жените во светот, а со значителна прекумерна телесна тежина ќе бидат засегнати 6% од мажите и 9% од сите жени од целиот свет. Во некои земји, прекумерната телесна тежина е  присутна кај повеќе од една третина од возрасното население и значително придонесува за лоша здравствена состојба и високите годишни трошоци за здравствена заштита на национално ниво.
Генерално,прекумерната телесна тежина  го зголемува ризикот од смрт и придонесува за многу други болести како срцеви заболувања, дијабетес, висок крвен притисок, висок холестерол, опструктивна ноќна апнеја, замастен црн дроб, болести на жолчното кесе, остеоартритис, различни видови на рак, ментални нарушувања и воопшто ниско ниво на квалитет на животот.

Се поголем број на докази покажуваат дека прекумерната телесна тежина  е  моќен фактор на ризик за развој на хронична бубрежна болест (ХББ) и побрзо достигнување на крајниот стадиум на бубрежна болест (ESRD). Луѓето кои се со прекумерна тежина или се „дебели“ имаат 2 до 7 повеќе шанси за развој ESRD во споредба со оние со нормална тежина. Дебелината може да доведе до ХББ индиректно со зголемувањена појава на дијабетес-тип 2, хипертензија и срцеви заболувања, а исто така и со непотребното оптоварување односно зголемување на обемот на работа на бубрезите и  нивно директно оштетување. Намалување на дебелината може да се намали односно да го забави напредувањето на  ХББ.

Акутно бубрежно оштетување (AKI) е сериозна состојба која се развива одеднаш, често трае кратко време и може да исчезне сосема, откако основната причина се третира и лекува, но може и да има  долготрајни последици со доживотно нарушување на квалитетот на животот. AKI почесто се јавува кај лицата со прекумерна телесна тежина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука