јуни 5, 2024

Охрид, 5. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина, креиран од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година, на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се прославува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.

Станува збор за најзначајниот ден за поттикнување на глобалната свест за заштита на животната средина, кој има за цел да ги охрабри луѓето ширум светот да преземат конкретни чекори за заштита на животната средина и да водат грижа за планетата.

– Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, се пропишува во член 43 од Уставот.

Покрај уставните определби за животната средина, во правниот поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина во државава. Законот за животната средина, Законот за заштита на природата, Законот за управување со отпадот, Законот за водите, Законот за заштита од бучава во животната средина, Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, се дел од овие прописи.

Со развојот на индустријата, зголемувањето на производството и потрошувачката е зададен голем удар на животната средина по однос на количините на отпад кои на глобално ниво секоја година се зголемуваат. Потребна е нулта толеранција за сите поголеми индустриски капацитети како големи загадувачи, кои мора итно да ги исполнат предвидените еколошки стандарди и да вградат заштитни филтри. Во овој дел, неопходна е и изградба на Регионални центри за депонирање со отпад, проблем што е особено изразен во нашиот регион со постоечката депонија „Буково“.

Еколошката свест на локално и на централно ниво мора да се крене на едно повисоко ниво. Потребно е сите заедно да придонесеме за чиста животна средина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука