август 8, 2024

Охрид, 8. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Оперската пејачка Илина Митревска, во придружба на проф. Андреј Наунов синоќа одржа свечен концерт во чест на празникот Свети Климент Охридски – летен и приреди прекрасно музичко уживање за публиката во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

Илина Митревска е 22 годишна соло пејачка од Скопје која студира на Конзерваториумот „Giuseppe Tartini“ Во Трст, Италија.

– Се радувам што Општина Охрид воведува една убава традиција на креирање на културни настани, преку кои го чествуваме ликот и делото на големиот просветител и го чуваме богатото културно наследство. Свети Климент Охридски е столбот на нашата духовност и просвета, најзначајната личност во историскиот развој на македонската писменост и култура. Неговата посветеност на љубовта и духовното издигнување ни служи како патоказ и денес, потсетувајќи нѐ на вистинските вредности кои треба да ги негуваме и почитуваме. Насловот на овој прекрасен настан „Ако љубов немаш ништо не си“ во целост ни ја доловува смислата светиклиментовото учење и неговите проповеди дека „само љубовта е патот до совршенството и спасението, темелот на секој добродетел и почетокот на секое добро дело“. Нека овие пораки бидат наши водилки кон подобро утре и вечен потсетник дека љубовта е таа која ни дава сила и не прави вистински среќни. Ви посакувам пријатна вечер исполнета со убава музика и инспирација, а на ценетите уметници им упатувам искрена благодарност што не удостоија со својот музички талент. Нека е за многу години празникот, нека е вечно името на Свети Климент Охридски, нека е вечен Охрид, нека е вечна Македонија, истакна во обраќањето претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Заедно со многубројната публика, концертот го проследи и претседателот на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

Свечениот концерт беше во организација на Општина Охрид како дел од годинешната културна програма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука