октомври 31, 2014

Охрид, 30. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Државниот имот, за ефтини пари ќе премине во сопственост на приватни лица, се разбира блиски до партијата на власт, обвини советникот од СДСМ Јован Стојановски на денешната прес-конференција во општинскиот разгранок на оваа партија.

Повод за пресот беше носењето на предлог-одлуките за оттуѓување државно земјиште во сопственост на Република Македонија заради изградба на дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица во Охрид, на кои советничката група на СДСМ не само што се спротивстави на нивното донесување, туку и ја напушти вчерашната 30-та седница.

– ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески бесрамно донесоа одлука за продажба на четири огромни земјишни парцели во Охрид, сопственост на Република Македонија. Одлуката за продажба на државно земјиште ја доведува во прашање изградбата на автобуската станица, домот за стари лица и катните гаражи. Витални проекти од огромно значење за охриѓани. Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески во нивната изборна програма ветија дека овие проекти ќе се финансираат со средства од општинскиот буџет и преку јавно приватно партнерство. ВМРО-ДПМНЕ не го исполни ветувањето, изјави Стојановски.

Според него, витални проекти од јавен интерес не треба да се градат на приватно земјиште.

– Зошто бизнис интересите на поединците блиски до владејачката партија се поважни од интересите на сите граѓани? Признанието на градоначалникот Бакрачески дека не може да го реализира сопственото ветување овие проекти да се изградат по пат ја јавно приватно партнерство е уште една потврда  за состојбата во којашто се наоѓа општина Охрид. Бакрачески призна дека ниту еден инвеститор немал интерес да стапува во партнерски односи со општина Охрид по пат на јавно-приватно партнерство, додаде професорот Јован Стојановски.

Како што нагласи Стојановски на денешната прес-конференција, единствена гаранција дека ќе се реализираат проектите од значење за охриѓани, е да се изградат по пат на јавно-приватно партнерство. (Крај/А.Р.)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука