октомври 31, 2014

Охрид, 30. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Долгогодишниот сон на граѓаните на Кичево и на Охрид за автопатско поврзување помеѓу овие два града почнува да се реализира.

Моќните машини и вредните раце на градежниците на кинеската компанија „Синохидро“ и домашните компании „Гранит“, „Трансмет“ и „Илинден“ секојдневно, од утро до вечер, некогашната визија на жителите од овој регион полека ја претвораат во стварност.

Работничка населба

За да почнат градежните работи, требаше да се изградат сместувачки капацитети за работниците што ќе работат на автопатот. Најпрво беше изградена населбата кај селото Извор, каде што се сместени работниците од далечна Кина, за во непосредна близина и Градежниот институт од Скопје да постави свои павилјони, каде што ќе врши редовни испитувања на вградените материјали во новиот автопат.

Покрај оваа населба, на излезот од Кичево интензивно се гради и населбата за работниците од ГП „Гранит“.

– Во оваа населба ќе бидат сместени околу 300 работници што се вклучени во изградбата на автопатот, а веќе е подготвена управната зграда и се поставени павилјоните во кои ќе престојуваат директорите и раководниот кадар. Според нашите планови, населбата ќе биде готова најдоцна за еден месец, по што ќе биде ставена во функција – нѐ информираа работниците што ги затекнавме во изградбата на работничките бараки.

Потоа патот нѐ водеше по самата траса каде што секојдневно се транспортираат стотици кубици земја и камен, за да се дојде до планираната кота. И така, метар по метар вредните работници трпеливо ја создаваат траекторијата по која ќе минува новиот автопат. Теренот со исклучително непријатна конфигурација претставува вистинска опасност за работниците, кои со своите машини го пробиваат теренот.

– Не е нималку едноставно да се движите по ваков терен и често се случува дел од машината да виси во амбис длабок повеќе стотини метри. Само еден погрешен чекор може да ве однесе во смрт и затоа при работењето сме крајно претпазливи и гледаме и работата да се одвива непречено, а и нашата безбедност да не биде загрозена – посочува управувач на една од овие машини.

Но има и терен како оној кај селото Лавчани, каде што трасата минува низ каменита почва и каде што претходно треба да се изврши минирање за да може да се работи на трасата.

Никој не сака да биде градежник

Паѓа во очи сликата што поголем дел работници се повозрасни луѓе, над 40-50 години, но како што самите велат, во нивната гранка има сѐ помалку млади луѓе.

– Никој не сака да биде градежник. Како што гледате, ние работниците во поодминати години сѐ уште го носиме главниот товар. На сите им е добро познато дека во нашата бранша работата е многу тешка, се работи на отворено и затоа тешко дека младите ќе се одлучат да бидат градежници. Но, и покрај товарот на годините и сите проблеми што нѐ следат во текот на работата, ние сме пресреќни што од нашите раце ќе излезе уште еден современ автопат, кој ќе им служи и на нашите синови и внуци – ни рекоа работниците на трасата.

Инаку, сите што поминуваат по сегашниот пат Кичево – Охрид својот поглед го фрлаат кон височините, на теренот каде што се гради новиот автопат, како да сакаат да дознаат кога ќе дојде денот да возат по новиот автопат.

Интересно е дека изградбата на автопатот Кичево – Охрид го раздвижи и пазарот на трудот во Кичево, бидејќи дел невработени се ангажирани во некоја од компаниите, но исто така зголемена е работата на повеќето угостителски објекти и хотели, во кои се сместени дел работници од страна, а исто така угостителите обезбедуваат оброци за голем дел работници на трасата.

Тоа е добар предзнак дека подзаспаното Кичево почнува да се буди. (Крај)

извор: Нова Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука