март 11, 2020

Женева, 11. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Епидемијата на новиот коронавирус достигна фаза кога може да се опише како пандемија, соопшти Светската здравствена организација на денешниот дневен брифинг.

Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, рече дека сега има повеќе од 118.000 заразени во 114 земји, а животот го загубиле 2.929 луѓе.

– СЗО постојано ја проценува оваа епидемија и длабоко сме загрижени и од алармантните нивоа на ширење и сериозноста, и од алармантните нивоа на пасивност. Затоа ја донесовме процената дека ковид-19 може да се окарактеризира како пандемија. Пандемијата не е збор што се користи лесно или безгрижно. Тоа е збор што, доколку се злоупотреби, може да предизвика неразумен страв или неоправдано прифаќање дека борбата е завршена, што доведува до непотребно страдање и смрт. Опишувањето на ситуацијата како пандемија не ја менува проценката на СЗО за заканата од овој коронавирус. Не го менува она што го прави СЗО и не го менува тоа што треба да прават државите, рече Гебрејесус.

Тој додаде дека станува збор за „криза што влијае на секој сектор“.

– Ова е проблем на сите, рече генералниот директор на СЗО.

Тој рече дека гледајќи го бројот на пријавените случаи и бројот на засегнатите земји „не ја опфаќа целата приказна“.

„Сите земји сè уште можат да го променат текот на оваа пандемија.“

Брзата акција може да спречи поголеми жаришта и пренесување во рамките на заедници, па дури и ако не успеат да го сторат тоа, „можат да направат пресврт“. Предизвикот не е дали земјите можат да го променат текот на вирусот, туку дали ќе го сторат тоа, вели Тедрос. Тој рече дека некои земји се борат со недостиг од ресурси, но и дека некои се борат со недостиг од решителност. (Крај)

извор: мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука