февруари 20, 2023

Охрид, 20. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со обработка на „This Is Me“ на Keala Settle и The Greatest Showman Ensemble, хорот „Ѓердан од бисери“ и оваа година со силна поддршка за лицата со ретки болести.

Песната е оригинално издадена во 2017 година, како дел од soundtrack-от на филмот „The Greatest Showman“, а се закити и со Golden Globe награда за најдобра оригинална песна.

– Уште една поддршка во месецот на ретки болести ни пристигна од хорот „Ѓердан од бисери“, кои заедно со нивната менторка Татјана Узуноска Тренеска, продуцентот Јовица Каралиевски и дуото Black moon направија одлична преработка на песната „This Is Me“. Благодарност на поддршката на Општина Охрид и одделението за култура за реализација на спотот снимен во IN Produkcija. Најголемо браво за дечињата за нивното макотрпно вежбање за да дојде до реализација на песната, порачаа од Здружението „Ретко е да си редок“.

Кампањата започна на 1. февруари и ќе трае до крајот на месецов, кога секој ден се претставува по една ретка болест, со што се прави обид пред јавноста и институциите да се крене гласот кон проблемите со кои се среќаваат лицата со ретките болести и нивните семејства.

Годинешната сезона е посветена на здравствените работници кои изминативе сезони помогнаа со нивните стручни совети, предлози, пишување текстови, ревидирање на материјали во реализација на кампањата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука