Охрид, 8. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид на достоен начин го прослави денот на својот патрон и заштитник, првиот сесловенски писател и основоположник на првиот словенски универзитет, Св.Климент Охридски. Покрај бројните настани, свечената академија се одржа вечерва во дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица“.
Присуствуваа советници, пратеници, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, претставници на институции и јавни претпријатија, а гости беа и делегации од збратимените градови на Охрид – Будва, Котор, Нови Сад, Александровац, Крагуевац, Пловдив, Велико Трново, Јалова, Сараево.
– Деновиве Охрид живее во духот на својот патрон, го славиме неговото дело кое нераскинливо е врзано со Охрид, со Македонија и Европа, истакна градоначалникот Јован Стојаноски во поздравното обраќање по повод празникот.
– Повеќе од 11 века, Св. Климент со својот дух на многу генерации им го осветлувал патот и ги водел кон иднината. И нас како генерација не посветува на обврските да го почитуваме минатото, да оставиме свои траги во сегашноста во која живееме и заедно со Св. Климент да помогнеме во осветлување на патот по кој наредните генерации ќе чекорат кон иднината. Неговото дело не упатува кон врвните морални и етички принципи понудувајќи ни го совршениот приод кон животот во несовршениот свет кој го познаваме. Безвременото дело на Св. Климент е наша духовна, културна и национална инспирација, рече градоначалникот Стојаноски.
Професор доктор Никола Бошале го понесе највисокото општинско признание, наградата Патрон на градот – Св. Климент Охридски.
– Благодарам на честа да ја добијам наградата за животно дело. Благодарам што можев долг период да се посветам на животот и делото на Свети Климент во Охрид, рече проф. д-р Бошале по добивање на наградата.
Супер радио и проф. д-р Ангела Крстаноска – Василевска годинава се добитници на Повелбата Патрон на градот – Св. Климент Охридски.
– Оваа награда многу ме задолжува. Правев и ветувам дека уште многу ќе правам и придонесувам за овој град, рече професорката Крстаноска – Василевска.
– Благодарам во мое лично име и во името на целата екипа на Супер радио. Охрид нам ни даде 25 незаборавни години и се надеваме дека барем малку му се оддолживме на целата негова големина, истакна Сашо Митаноски, сопственик на Супер радио.
Свечената акдемија беше збогатена со настап на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“.
Активностите за чествување на патронот на Охрид ќе завршат утре, за кога е закажан хуманитарен музички хепенинг (рок-мобилизација во чест на Св. Климент Охридски), во организација на охридскиот Црвен Крст. Настанот е со почеток во 12:00 часот на Градскиот плоштад. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес