ноември 5, 2021

Скопје, 5. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Учениците од охридското средно економско училиште „Св.Кирил и Методиј“ ќе бидат дел од кампањата „Засади желба, за поубава иднина!“, што ја организираат  трите пензиски друштва во земјава со цел да ги едуцира и активира младите.

Едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд се организираат веќе 6 години наназад од страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје и се насочени кон целото население.

Но, оваа година пензиските друштва прават чекор повеќе со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ во чии рамки се планирани едукативни и општествено-одговорни активности со кои сакаат преку пример да им прикажат на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираат да станат активни учесници во грижата за животната средина. За таа цел, еден од новитетите кој ќе го донесе овогодинешната кампања е создавањето „Пензиски паркови“ во 4 средни училишта: СУГС „8-ми Септември“ – Скопје, СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе и СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје.

– Оваа година кампањата ја насочивме кон активирање на промени за еколошки и социјални цели, за да ги поттикнеме, мотивираме и инспирираме младите генерации, со цел поставување нови стандарди за подобра и поквалитетна средина за живеење. Би сакале оваа наша активност да прерасне во традиција која сите ќе ја негуваме, изјави Весна Стојановска, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.

Организаторите објаснуваат дека ова е само почеток, се стремат кон тоа ваквите активности да станат редовна пракса, за да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови. Покрај младата популација, оваа кампања ќе допре и до широката јавност, со цел да се обезбедат што е можно повеќе индивидуални позитивни примери преку кои целото општество ќе се доближи до поубава иднина кон која се стремиме сите. Симболиката на оваа кампања е во уделот кој крајните корисници го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина. (Крај)

извор: Плус инфо фото: Плус инфо/ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука