декември 26, 2017

Охрид, 26. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид како град има многу содржини и убавини. Ако се потрудите да ги побарате ќе видите дека им нема крај. Познат како Ерусалим на Балканот, Охрид го посетуваат гости од различни краеви на светот.

Но, дали доволно правиме да туристите да ги натераме одново и одново да доаѓаат кај нас. Токму за развојот на туризмот во Охрид, предизвиците со кои се соочуваме, кои видови туризам да се развиваат поразговаравме со Филип Стефановски од туроператорот DMC Balkans кој работи на рецептивен туризам.

Супер радио: На почетокот да се запознаеме со DMC Balkans.

Стефановски: DMC Balkans е туроператор кој работи на рецептивен туризам и носи гости од странство. Главна појдовна точка се Охрид и Република Македонија. Посебно посветуваме внимание на европските пазари. Голем број на гости кои доаѓаат се од Турција и од азискиот пазар. Работиме на маркетинг на носење туристи од нови пазари. Македонија има потреба од држави кои се поразвиени, за подобар квалитет на гостите кои доаѓаат.

dmc_640x360Супер радио: Како гледате на туризмот во моментов во Охрид?

Стефановски: Туризмот во Охрид мора драстично да се развива бидејќи овие изминати години немаше некој посебен напредок. Мора да се посвети внимание да доаѓаат гости со поголем квалитет, од пазари кои се добро развиени. Но, за да донесеме такви гости треба да инвестираме во туризмот. Долго време во градот нема инвестиции во туризмот. Треба да се направи една долгорочна стратегија како Охрид да се развива. Градов има поволност да го развиеме здравствениот туризам, како и зимскиот туризам. Охрид ги има сите поволности. Долго време не е ништо направено да се разработи вонсезонскиот период. Ноември, декември, јануари и февруари, март, се мртви месеци во Охрид и Република Македонија. Треба да се направи нешто да се разработат тие месеци и да се зголемат ноќевањата во овој период.

Супер радио: За кој вид туризам се заинтересирани туристите кои ги носите?

Стефановски: Нашата компанија главно работи на културен туризам. Гостите кои ги носиме од Турција, Азија, Централна и Источна Европа ги интересира културниот туризам. Тие се дел од кружни тури и најчесто престојуваат два до три дена. Главната идеја е како да ги задржиме повеќе денови во Охрид.

imagesСупер радио: Очекувања од новата централна и локална власт?

Стефановски: Очекувам да се направи стратегија да се поддржи туризмот и маркетингот во туризмот, бидејќи без маркетинг не може ништо да се направи. Очекувам да се продолжат субвенциите, бидејќи се една позитивна ставка за сите агенции. Со нив агенциите може да си дозволат маркетинг и промоција на други пазари и да донесат гости. И секако очекувам да направиме нешто поразлично од другите држави. Еве на пример може да се земе во предвид принципот на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина во поглед на азиските пазари. Во овие земји туристите ги добираат визите на граница со confirmation letter, односно со покана. Нашиот шенген систем за тие гости е поспецифичен, па зошто овој сложен процес да не го поедноставиме. Да ги доведиме гостите кои се платежно појаки. На пример во Србија има 30-40% зголемување на бројот на туристи од азискиот пазар. Кинеските туристи на самата граница добиваат дозвола за влез. Кај нас имаме некои законски проблеми кои треба да ги решиме, за да придонесеме туризмот да биде на повисоко ниво.

Супер радио: Колку сте задоволни од сезоната што измина и најави за следната?

Стефановски: DMC Balkans оваа година ја изработи одлично и сме премногу задоволни. Работиме на тоа следната година да придонесеме уште повеќе за македонскиот туризам, носејќи туристи од различни пазари. Веќе одиме на сите саеми во Европа и посебно во Турција, кој е наш главен пазар. Мислем дека следната сезона ќе биде уште подобра, не само за нашата агенција, туку и за нашите колеги кои работат рецептивен туризам и ги охрабрувам сите компании кои работат outgoing да влезат на полето  на incoming. Република Македонија има потреба од рецепривни компании и млади претприемачи, да придонесат земјава да оди чекор напред кога станува збор за рецептивниот туризам.

DMCohridСупер радио: Која возрасна категорија гости се Ваш таргет?

Стефановски: Со овие кружни тури гостите кои доаѓаат се на возраст над 40 години, односно гости кои се платежно подобри и имаат поквалитетни барања за туризам.

Супер радио: Колку гостите се задоволни од хотелско-угостителската понуда што ја имаме во моментов, какви се нивните оценки?

Стефановски: Воглавно Охрид е еден од поквалитетните градови на Балканот и скоро сите наши гости се задоволни. Дополнително како што нагласив и ние и нашите колеги од хотелскиот и реторанскиот бизнис треба дополнително да инвестираме за да го зголемиме квалитетот на услуга, а со тоа да го зголемиме и приливот на пари. Имаме голема можност Охрид да го направиме топ дестинација на Балканот, бидејќи и го заслужува тоа, има историја, природа, храна и сето тоа може да госклопиме во еден пакет и да придонесеме Република Македонија да се развива освен како дестинација за масовен, да преминеме и кон развивање на елитен туризам. Во Охрид дефинитивно треба нови инвестиции. Треба да направиме нешто околу зимскиот туризам, таа  жичара која со години е најавувана да се направи, па да се направат ски патеки. Во насока на развој на здравствениот туризам заедно со Министерството за здравство да се направи некоја стратегија како да донесеме гости од градовите кои се загадени во овој зимски период.

Супер радио: Прославата на Новата година ни е на прагот. Дали преку вашата агенција ќе дојдат гости во Охрид?

Стефановски: Преку нашата агенција ќе дојдат многу гости за Нова година во Охрид. Имаме сознанија дека и хотелските партнери се целосно полни. Охрид ќе биде полн ќе имаме одлични празници.

Супер радио: Дали е потребно во Охрид за дочекот на Нова година да се носи некое познато музичко име, како што имаме случаи низ туристичките дестинации?

Стефановски: Мислам дека нема да придонесе некоја голема разлика, бидејќи Охрид е самиот активен на балканскиот пазар, пакетите кои се нудат се атрактивни, а цените пристапни. Носењето некое познато музичко име за дочекот на најлудата ноќ ќе придонесе за дополнителни трошоци на општината. Тие пари може да се внесат во маркетинг. Охрид како дестинација е веќе познат на српскиот, бугарскиот, албанскиот и косовскиот пазар. Во зимскиот период немаме гости кои доаѓаат од Азија или од Европа. Ние како држава и град да направиме да бидеме присутни на сите пазари.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука