септември 1, 2021

Охрид, 1. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Рестриктивните и ограничувачки мерки кои се донесоа придонесуваат за голем пад на угостителско-туристичките услуги, затоа апелирам на интензивно вакцинирање за што поскоро да ја победиме оваа пандемија и да се избориме за непречен туризам, вели за Супер радио и OhridPress Филип Стефаноски, сопственик на туристичката агенција DMC Balkans од Охрид.

– Овие одлуки создадоа дополнителни непредвидени трошоци за гостите кои се затекнаа во Македонија или се на патување, а и за нас агенциите допонителна главоболка за организација на предвидените одлуки кој се задолжителни и обврзувачки за влез и излез, додава Стефаноски.

ЕУ не стави на црна листа за патување поради зголемениот број на заболени и смртни случаи, и таквата одлука не е обврзувачка за земјите членки затоа што конечната одлука за ограничување во однос на туризмот ја носат националните влади, а не Брисел, вели Стефаноски и потенцира дека сепак препораките го намалуваат бројот на странски гости кој сакале да ја посетат Македонија.

Владата на Република Македонија донесе одлука дека од денеска, 1-ви септември 2021 година, покрај за влез во државава и за излез ќе се бара потврда за вакцинација, потврда за прележана корона, или пак, негативен тест PCR, или брз антигент тест. Истата на граничните премини предизвика отежнато движење, затоа што голем број туристи беа Затечени, а многумина не ни разбрале додека се подготвувале за пат дека во вечерните часови Владата донела ваква одлука. Затечени се и туристичките агенции. Дел и од нив не знаат за новата одлука на македонската Влада.

Портпаролот Муамет Хоџа на денешната прес конференција истакна дека „оваа мерка е придонес за масовната имунизација, како најсоодветен одговор за ширењето на Covid-19“.

-Мерката е израз на нашата определба да направиме се што е потребно нашата земја да се препознае како земја која води активна политика за имунизација и која не треба да се препознава како земја – извозник на вирусот. Треба да се има предвид дека потврдата за вакцинација или прележан Covid-19 е воообичаена постапка за влез во огромен број земи која граѓаните секако треба да ја испочитуваат, рече Хоџа.

На прашањето на новинарите зошто не се признава подолг рок за прележаните, туку само 45 дена од оздравувањето може да патуват со таа потврда за прележана корона, Хоџа рече дека мерките се донесени по препорака на Комисијата за заразни болести. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука