декември 11, 2019

Охрид, 11. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Кружните тури низ Балканските земји стануваат се поатрактивни на туристичкиот пазар, особено за азиските гости, кои Балканот го доживуваат егзотично. Најголем дел од овие гости не се најмногу заинтересирани за сезонскиот туризам, туку за културата, традицијата, историјата и уметноста на овие простори, па затоа во Охрид ќе ги сретнете во било кој дел од годината.

Ако зголемувањето на обемот на вонсезоснкиот туризам е еден од главните таргети на туризмот кај нас, тргањето на визните бариери, преку договорот за „мал Шенген“ ќе донесе огромен бенефит за македонскиот туризам.

– Во склоп на турите кои ние ги организираме, во Македонија ги нудиме Скопје со едно ноќевање и Охрид со две ноќевања. Со „малиот Шенген“ можеме да направиме пообемна програма, со која овие гости би ги задржале кај нас најмалку 5-6 дена. Тоа веќе го направивеме во Србија, Босна и Црна Гора, а многу ќе сум горд и среќен доколу истото успееме да го реализираме и кај нас, рече Филип Стефаноски од туроператорот DMC Balkans, кој беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

За импактот на „мал Шенген“ врз поголемо искористување на туристичкиот потенцијал на земјава, особено во вонсезонскиот период, за тоа како покрај бројот на гости, да се зголеми и бројот на ноќевања и за многу други теми прочитајте повеќе во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Колку долго се занимавате со рецептивен туризам и каква е статистиката во однос на бројот на гости изминатиов период?

Стефаноски: Со рецептивен туризам се занимавам 12 години, а DMC Balkans постои 4 години и интензивно работи на носење на странски гости во Македонија и на Балканот. За прв пат минатата 2018-та година, надмината е бројката од милион гости, што е одлична бројка. Само до месец ноемрви годинава имаме зголемување на бројот на туристи од 3-6 проценти, а овој тренд посотјано расте. Благодарение на азиските гости, кои најчесто доаѓаат вон сезона, мислам дека Македонија во иднина ќе стане уште поатрактивна дестинација.

Супер радио: Со кој пазар најчесто соработувате, од каде се најголемиот број на гости кои преку Вас ја откриваат Македонија и Балканот?

Стефаноски: Во вонсезонскиот период од септември до април, носиме голем број на гости, а најголем дел од нив се Турција, но исто така работиме со замјите од далечниот исток, како на пример Кина, Индонезија, Малезија итн.

Супер радио: Колку други македонски тур оператори работат директно на азискиот пазар?

Стефаноски: DMC Balkans e еднa од ретките агенции кои работат директно на овој пазар. Горди сме што придонесуваме туристичкиот потенцијал на нашата земја во еден поголем, балкански контекст, да го промовираме на големи туристички саеми во Сингапур, Џакарта, Малезија и многу други места.

Супер радио: Граничните бариери кои постојат меѓу земјите каде овие туристи циркулираат, наскоро нема да постојат. Какви се Вашите очекувања како туроператор, во врска со договорот за „мал Шенген“, кој неодамна беше промовиран во Охрид?

Стефаноски: Доколку се реализира идејата за „мал Шенген“, за туристичкиот сектор ќе има голем позитивен импакт. Србија е одличен пример за визниот режим кон државите како Русија, Кина, Индонезија итн, пазар кој има потенцијал од милјарда и пол гости. Со идејата за “мал Шенген“ тоа ќе значи дека овие туристи без виза покрај во Србија, ќе можат да патуваат и во Македонија и Албанија. Доколку туристичкиот сектор е подготвен и направи добри пакети, кои добро ќе ги презентира на далечниот исток, мислам дека бројот на гости во вонсезонскиот период ќе биде згоемен и ќе прераснеме во уште поатрактивна туристичка дестинација.

Супер радио: Пред неколку дена во Измир се одржа туристички саем, кој е еден од најголемите во Турција, а и DMC Balkans беше дел од саемот. Како поминавте таму?

Стефаноски: Ние сме една од туристичките агенции кои најмногу гости носат од Турција и неодамна бевме на еден од најголемите туристички саеми во Турција, коктретно во Измир. Склучувавме нови и ги обновувавме постојните договори со турските компании и веруваме дека и во наредната година ќе придонесеме нивната бројка да расте. Според статистичките податоци, бројот на турски туристи кај нас е највисок и ако минатата година имавме 120 илјади гости, се надевам дека следнава година бројката ќе ја кренеме над 150 илјади. Не само надминување на бројката, туку очекуваме и зголемување на бројот на ноќевања кои ќе ги остварат.

Супер радио: Колку дена гостите од кружните тури се задржуваат во Македонија и како да се зголеми бројот на остварени ноќевања?

Стефаноски: Во склоп на турите кои ние ги организираме, во Македонија ги нудиме Скопје со едно ноќевање и Охрид со две ноќевања. Со „мал Шенген“ можеме да направиме пообемна програма, со која овие гости би ги задржале кај нас најмалку 5-6 дена. Тоа веќе го направивеме во Србија, Босна и Црна Гора, а многу ќе сум горд и среќен доколу истото успееме да го реализираме и кај нас. Имаме одлични услови за сезонски туризам, за авантуристички туризам, за вонсезонски туризам, имаме специфична гастрономија, богата историја, култура и уметност, сето тоа можеме да го понудиме и да го искористиме како предност. Карактеристично за азиските гости е тоа што тие постојано фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи, а тоа е многу силен маркетинг за нашата земја. Среќен сум што по завршувањето на турите, гостите се враќаат дома многу задоволни, со препорака за нивните пријатели да го посетат Балканот. Во склоп на еден Дубровник, Сплит, Ровињ итн, Балканот е одлична туристичка дестинација, која азиските туристи ја доживуаат егзотично, како што нам егзотично ни звучат Бали, Малдиви итн.

Супер радио: Задоволни ли се гостите од она што го нудиме и на што треба во иднина повеќе да се сконцнтрираме за да имаме уште подобра туристичка понуда во Охрид?

Стефаноски: Воглавно гостите се многу задоволни кога ја посетуваат Македонија, а кога има негативни забелешки тие се однесуваат на квалитетот на хотелското сместување, нам во Охрид ни требаат некои звучни хотелски брендови како на пример „Мериот“, „Хилтон“, „Кемпински“ итн. Исто така треба да поработиме на ресторанската услуга, зошто многу се нуди интернационална храна, а премалку традидиционална. Гостите повеќе би сакале да пробаат нешто традиционално и типично за овие простори, бидејќи интернационалното го има насекаде.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПресфото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука