мај 18, 2021

Охрид, 18. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – По кризата треба да заборавиме на постојаното незадоволство од сé и да се фатиме за работа. Благодарение на владините мерки опстанавме, но со помош само се преживува, вели за Супер радио и OhridPress Филип Стефаноски од туроператорот DMC Balkans.

Очекува летово најбројни да бидат домашните, но и српските туристи и туристите од Србија летово ќе се најбројни. Вели кај охриѓани има интерес за летување во Грција, а Албанија е дестинација која допрва ќе заземе високо место на туристичката мапа.

Со Стефаноски разговаравме за туризмот во ковид услови, колку и дали е исправна концепцијата со туристичките ваучери и очекувањата за претстојната летна сезона.

Супер радио: Дали со отворањето на Грција има интерес кај охриѓани за летување таму?

Стефаноски: Грција е туристичка „супер сила“ за која постои традиционален интерес. Интересот за Грција кај нас е секогаш голем, дури некогаш е и неразбирлив бидејќи луѓето се подготвени на секакви малтретирања само и само да одат во Грција, но таа појава не е за анализирање од туризмолози, повеќе мислам дека треба социолози со овој феномен да се занимаваат. Интересот за Грција е голем и таа ова лето повторно ќе е една од најпосетуваните дестинации од нас.

Супер радио: Кои други дестинации ги работите?

Стефаноски: Албанија е новата дестинација која допрва ќе заземе високо место на туристичката мапа. Изградени се ресорти, Драч полека се претвора во некој центар како што е Анталија (иако уште има да работат на тоа поле за ваква компарација) но таа дестинација ќе е ова лето дестинација број 2 за туристите од Македонија. Нудиме и егзотични дестинации од Дубаи, Малдиви до Занзибар, но за нив интересот е помал и тој беше претежно во текот на зимските месеци и раната пролет.

Супер радио: Кои се вашите очекувања од претстојната летна сезона?

Стефаноски: И покрај тоа што граничиме со Грција која е „супер сила“ на туризмот глобално и надоаѓачката понуда на Албанија, сепак Охрид си е Охрид. Очекуваме летово туристите од земјава да ги имаме во доволен број, приватното сметување ќе има добри приходи бидејќи ние веќе имаме индивидуалци странци кои почнаа да доаѓаат. Домашните туристи и туристите од Србија летово ќе се најбројни, а по летниот шпиц кој сигурно ќе се случи во јули и август, мораме да почнеме да се враќаме на состојбата која ја имавме пред ковидот. Да се насочиме на странците, на почеток веднаш на Полска и Далечниот Исток, па дури и Израел, кој деновиве е актуелен со една тешка ситуација но и таа ситуација ќе заврши и треба да таргетираме и од оваа високоплатежна категорија на туристи да се вратат на нашиот пазар. Да се потрудиме да се вратиме барем на пола пат до таму каде што бевме стигнати. Ништо нема да е лесно, но тоа што е лесно не вреди.

Супер радио: Дали мерките за помош од Владата дадоа резултати?

Стефаноски: Секако дека дадоа. Надвор од дневно политичките медиумски војни, реалноста е таа дека мерките дадоа резултати и благодарение на тие мерки опстанавме. Нашата агенција немаше во својата работа „outgoing“ понуда и таа ја воведовме токму заради колапсот со „incoming“ за да оствариме некаков приход, кој не е ни од далеку онаков каков што имамвме кога носевме туристи од Малезија, Индонезија, Хонг Конг. Значи останавме на нула, а мерките покрај нашата борба и труд кој го вложивме со воведувањето на „outgoing“ понудата, всушност мерките од Владата не одржаа во живот.

Супер радио: Дали е исправна концепцијата со ваучерите и дали тоа може да влијае позитивно или негативно врз сезоната?

Стефаноски: Ако се гледа на состојбата во која бевме лани и сé уште сме, со кризата од COVID-19 тие се исправни мерки. Без разлика што предизвикаа одредени дилеми и отворија дискусии. Состојбата беше таква што немаше друг излез и тие ваучери ако ништо друго го наполнаа Охрид и се сврте одреден износ на финансиски средства преку нив, за да преживее секторот. Значи повторувам да преживее секторот. И толку. Ние по кризата треба да заборавиме на нашето постојано незадоволство од сé и да се фатиме за работа. Значи да работиме и да не чекаме помош бидејќи со помош само се преживува. На прагот сме на отворањето на светот и треба да итаме да се вратиме назад во големата игра за да остваруваме развој, да се едуцираме и да одиме напред. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука