март 27, 2018

Охрид, 27. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Веќе две сезони го знаеме како вишиот околиски инспектор Томе, во ситкомот „Преспав“, а го паметиме и како Џемо Биљбиљ, како Јеротие Пантиќ или началникот во претставата „Сомнително лице“ на аматерскиот охридски театар, како началникот во ТВ шоуто „Штаб“ итн.

Охриѓани го знаат како Горан „глумецот“ Стојаноски, кој во интервју за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио вели дека сите овие ликови му се многу драги, затоа што потекнуваат од него.

Супер радио: Долги години Охрид беше без театар, а токму Вие успеавте повторно да го вратите. Какво е чувството кога знете дека вложениот труд не бил бадијала?

Стојаноски: Секое вложување на труд пред се` мора да биде лишено од суета или од его, што всушност е и главната процедурална цел на театарот, значи додека работите во театар, на место што е свето, место кое е храм, практично низ процесот во кој работите, без разлика на која тематика, Вие сакале или не имате групна динамика. Во таа групна динамика мора да имате тим, а Вашата основна цел како личност, како човек е да се дистанцирате од егото и суетата и да можете фино, убаво, разголено да бидете канал на она што е вистинска емоција и мисла, како би можеле да направите вистинска структура во пренесувањето пораки до луѓето кои ги гледаат актерите, односно публиката.

Супер радио: Со претставата „Аналфабет“ вечерва Охридскиот народен театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот. Тоа е комедија на Бранислав Нушиќ, во режија на Ѓорѓи Ризески, Вие го играте ликот на Масим Благадуша. Дали охриѓани повеќе преферираат комедии?

Стојаноски: Не би можел да кажам дека охриѓани повеќе преферират комедии. Луѓето во принцип сакаат да се релаксираат и да го намалат својот стрес од интензивното живеење во ова општество. Било какво канализирање на емоции без разлика дали ќе Ви предизвика реална тага, реално смеење и било кој друг тип на реални чувства е еден вид на релаксарање на човековата душа и природа и тогаш ти се чувствуваш добро. Би можел да кажам дека охридската публика повеќе цени квалитет, охридската публика не сака да биде измамена кога се во прашање чувствата на сцена, практично тоа е и целта на секој храм, да чести со вистински чувства.

goranstojanoskicorner2Супер радио: Публиката Ве следи во ликот на Вишиот околиски инспектор Томе, во ситкомот „Преспав“, а Ве памети и како Џемо Биљбиљ, како Јеротие Пантиќ или началникот во новото видување на претставата „Сомнително лице“ на тогаш аматерскиот охридски театар, како началникот во ТВ шоуто „Штаб“ итн. Кој лик Ви остави најмногу впечаток, а кој Ви беше најтежок за играње? Имате ли приватно нешто слично со ликовите по кои публиката најмногу Ве памети?

Стојаноски: Во прицип сите тие ликови мене ми се апсолутно многу драги, затоа што потекнуваат од мене. Не би можел да речам дека карактеристиките што ги имаат овие ликови се и мои карактеристики, напротив. Но, секогаш ми било предизвик да можам да видам одреден човеков дух кој е толку слободен, а се канализира низ некој многу интересен вокабулар, низ начинот на кој размислува. Понекогаш некои наши херои, јунаци од нашево општество ми биле еден вид мотив за да можам за да направам и јас нешто што е комично. Во секој случај сите тие ликови ги карактеризира убав дух, затоа и сметам дека тие ликови биле привлечни за публиката. Кога ликот има добар дух, чувстуваш возбуда, нема никаков проблем и луѓето го сакаат, а тоа е најголемата награда за која што јас работам.

Супер радио: Ќе има ли трета сезона од „Преспав“?

Стојаноски: Јас тоа го посакувам со цело срце, но тоа не е прашање што јас би можел да го одговорам. Би можел да кажам само дека јас многу би сакал да има трета сезона, но сепак тоа е прашање за продукцијата. Единствено што би можел да кажам дека во мај продукцијата би требало официјално да соопшти дали ќе има или нема да има трета сезона.

Супер радио: Има ли некој лик од претстава кој копнеете допрва да го играте?

Стојаноски: Да има повеќе ликови посебно од драмската класика, како што се ликови од Чехов, Шекспир, Иванов… Во последно време една убава работа би требало да излезе на површина, а тоа е да не се инсистира само на комедии, бидејќи актерот мора понекогаш да изигра и нешто сериозно, да има лидерска позиција во самиот театар, затоа што тоа значи и стекнување на кондиција, а од друга страна и негово исполнување и идно делегирање на поинакви чувства кај публиката.

Супер радио: Актерите на овој ден, Светскиот ден на театарот испраќаат пораки, па би можеле така и да го завршиме разговорот, со Вашата порака по повод овој ден.

Стојаноски: Мојата порака секогаш се вртела околу суштината на прашањето – зошто постоиме на овој свет? Не постоиме за да бидеме конкуренти, конкуренцијата ја измисли капитализмот и неолиберализмот, кои за цел имаат интерес за профитирање на суета и его, колку и тоа да звучи банално. Мојата порака е како живи човекови суштества кои живееме во помали средини е сите да бидеме едно, а тоа не се постигнува ако се нема индивидуален развој, а индивидуалниот развој може да биде од различни сегменти. Театарот стои тука, како позиција, како еден вид светилиште кое може да помогне луѓето да бидат едно и да научат да чувствуваат. Замената помеѓу срцето и умот е направена поодамна, како што предмалку реков, умот е на прво место, срцето на второ. Мојата порака е срцето да биде на прво место, умот на второ.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука