август 6, 2019

Охрид, 6. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио, денес се одржа радиската промоција на „Drive (Ohrid)“, новата песна на Љупчо Стојкоски Лепи, кој охриѓани покрај како композитор и кантавтор го препознаваат и како голем вљубеник во природата и Охридското Езеро.

– Станува збор за комплетно мое авторско дело, инструментална тема која откако ја снимив ја слушав во автомобил, па од тука се инспирирав и за самиот наслов „Drive (Ohrid)“, рече Стојкоски. За музиката, но и за рекреативниот риболов и неговата пасијата за подводна фотографија, прочитајте повеќе во интервју за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Како е насловена Вашата нова песна и кој работеше на неа?

Стојкоски: Јас порано работев музика на софтверска програма за Windows, на кој веќе беше невозможно да се работи. Случајно пронајдов друг софтвер компатибилен на новиот Windows на кој ги преработував и доработував старите песни и одеднаш ми дојде идеја да направам нова песна. Станува збор за комплетно мое авторско дело, инструментална тема која откако ја снимив ја слушав во автомобил, па од тука се инспирирав и за самиот наслов „Drive (Ohrid)“.

Супер радио: Со оглед на тоа што не творите авторски песни многу често, колку вкупно песни до сега имате направено и имате ли желба некогаш да објавите и албум?

Стојкоски: Првата песна ја направив во 1986-та година, се вика „Заборави“. До сега, заедно со последнава „Drive (Ohrid)“ имам направено 7 песни. Албум би сакал да објавам за 30 годишнината од бендот „Шармер“, тоа би било во 2021-ва година, а би сакал промоцијата да биде точно на 25-ти декември, бидејќи на тој датум со групата „Шармер“ го имавме првиот и најпосетен концерт.

Супер радио: Можете ли да не навратите на тие рани 90-ти години кога настапувавте со бендот „Шармер“. Кој се’ беше дел од бендот и кога тој престана да постои?

Стојкоски: Покрај мене како вокал, дел од бендот „Шармер“ беа Тони Јованоски (сега од бендот „Камелеон“), потоа Бакал, Никола Василески – Коки, Перчо и Кулезан. Приказната на групата траеше нецела година, од август 1991-ва година, до 2-ри мај 1992-ра година, кога на базенот „Тропикал“ свиревме како предгрупа на „Леб и сол“. Тогаш песната „Летото помина“ требаше да ја преименуваме во „Летото доаѓа“, па настанаа некои недоразбирања, кои не требаа да се случат, по што бендот се распадна.

Супер радио: Како на човек кој не ја разбира убавината на рекреативен риболов би му ја објасниле оваа Ваша пасија. Што Ве привлекува во рекреативниот риболов?

Стојкоски: Едноставно водата ја доживувам како мој елемент, кога сум покрај вода се опуштам. Рекреативниот риболов ми нуди едно контрастно чувство на истовремена смиреност и возбуда. Смиреноста пред да се доживее возбудата кога рибата е активна и се уловила е тешко да му се опише на некој кој не го доживеал тоа. Би рекол дека тоа е вирус, зараза со која се „инфицирате“ и би рекол дека секој човек кој има хоби го доживеал тоа на свој начин. Верувам дека уште долго ќе останам „инфициран“ со рекреативниот риболов.

Image may contain: 1 person, sitting and beard

Супер радио: Покрај да рибарите, исто така љубите да ги снимате подводните убавини, авторски видеа кои ни го доближуваат живиот свет во Охридското Езеро. Колку видеа имате досега објавено, и какви се коментарите кои ги добивате?

Стојкоски: Не ги бројам видеата, ги има многу, а почнав да ги правам од кога излегоа подводните камери. Имам направено снимки кои се интересни за гледање, не само за нас, туку за цел свет. Езерото изобилува со преголема убавина и чистота, па овие видеа се исто така и начин да го промовираме и да му покажеме на светот каква природна убавина имаме.

Image may contain: 1 person, smiling, outdoor

Супер радио: Имате ли сретнато неавтохтони видови риби додека снимате во водите на Охридското Езеро?

Стојкоски: Има неколку видови на неавтохтони видови риби кои ги имам сретнато, како на пример, калифорниската пастрмка, сончарката, слатководната краба, карасот итн. Не знам на кој начин тие дошле до езерото, но сепак треба нешто да се направи околу тоа тие да не станат опасност по еко системот на Охридското Езеро.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука